Фото: Принт-скрин

Португалија, зафатена со трет топлотен бран од почетокот на јули, денеска се справуваше со неколку пожари додека земјата е во состојба на готовност до утре поради опасност од шумските пожари. Попладнево речиси 2.000 пожарникари беа мобилизирани во гасење пожари низ земјата, соопшти цивилната одбрана.

Најголемиот пожар беше во околината на Вила Реал.

– Според привремена проценка, во пожарот изгореа 4.500 хектари, информираше националниот директор за цивилна заштита Андре Фернандес.

Метеоролозите за утре најавија температури околу 40 степени Целзиусови во земјата. Португалија, која годинава е зафатена од исклучителна суша, го регистрираше најтоплиот јули во изминатите речиси сто години.

Од јануари изгореа над 94.000 хектари, што е најголема површина по смртоносните пожари во 2017 година, каде загинаа стотина лица, покажаа новите податоци на Институтот за заштита на природата и шумата.

Климатските промени ја зголемуваат можноста за горештини и суша, а со тоа и за шумски пожари, предупредуваат експерти