Дневниот број на нови случаи на заразени со коронавирус во Кина утре може да достигне рекордни 3,7 милиони, наведува лондонската аналитичка компанија „Ерфинити“ (Airfinity) во својата најнова прогноза.
Според истата анализа бројот на смртни случаи од ковид-19 би можел да достигне 25.000 на ден за 10 дена од сега. Дотогаш, според процените, повеќе од половина милион луѓе би можеле да починат од ковид-19 во Кина од почетокот на декември.
Според прогнозите на „Ерфинити“ бројот на смртни случаи до крајот на април би можел да се искачи на 1,7 милиони.
Кина на 7 декември ја суспендира политиката на нулта толеранција на коронавирусот, што предизвика бран на инфекции, при што се проценува дека 248 милиони луѓе или 18 отсто од населението, биле заразени со ковид-19 само во првите три недели од декември.
Сегашниот бран се очекува да трае до март или април. „Ерфинити“ предвидува најголем број на заразени односно 4,2 милиони нови инфекции дневно на почетокот на март, при што најпогодени би биле руралните области.
Експертите се особено загрижени за епидемијата во помалите градови и руралните области пред кинеската Нова година. Традиционално, милиони луѓе патуваат низ земјата за да ги посетат своите семејства на празникот што го означува почетокот на новата година според кинескиот календар. Годинава кинеската Нова година се прославува на 22 јануари.