Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас палестинските власти треба да владеат и со Појасот Газа и со Западниот Брег.

– Додека бараме мир, Газа и Западниот Брег треба да бидат обединети под една владејачка структура, на крајот под ревитализирана палестинска управа, додека сите работиме на решение со две држави. Не смее да има присилно раселување на Палестинците од Газа, ниту повторна окупација, ниту опсада или блокада, ниту намалување на територијата – рече Бајден во авторски текст за „Вашингтон пост“.

Тој го искористи авторскиот напис за да одговори на прашањето што сакаат САД за Газа откако ќе заврши конфликтот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел и „во догледна иднина“ ќе мора да ја задржи „целосната воена одговорност“ во Газа.

Бајден кажа дека САД се подготвуваат да забранат издавање визи на „екстремистите“ кои напаѓаат цивили на Западниот Брег. Насилството на израелските доселеници врз Палестинците кои живеат на окупираниот Западен Брег се зголеми по нападот на Хамас на 7 октомври.

– Им нагласив на израелските лидери дека екстремното насилство врз Палестинците на Западниот Брег мора да престане и дека сторителите на насилството мора да одговараат – напиша Бајден.

На Западниот Брег живеат три милиони Палестинци, а со нив егзистираат и над половина милион еврејски доселеници.