Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Одредени „валкани кампањи“ на социјалните мрежи се еднакви на „терористички напад“, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, неколку дена по стапувањето во сила на законот со кој се воведува затворска казна за ширење на она што властите го сметаат за „лажни вести“.

– Кампањите со лаги и клевети кои ги таргетираат интересите на нашата земја, вредностите на нашата нација, доверливоста на нашиот народ се еден вид терористички напад – им порача Ердоган на членовите на неговата владејачка партија во Анкара.

Новиот закон за медиуми, усвоен во парламентот минатата недела, предвидува до три години затвор за ширење „лажни информации“ за безбедноста и јавниот ред на земјата.

Опозициските партии и групите за човекови права предупредија дека тоа ќе доведе до зголемена цензура и замолчување на оние кои не се согласуваат пред важните општи избори следната година.

Затворската казна може да се зголеми за половина доколку информациите се шират преку анонимни профили или како дел од забранета група.

Социјалните медиуми станаа извор на „клевети, закани, уцени и опасности“ против поединци и институти, тврди Ердоган, додавајќи дека законот е „итна потреба“ за борба против „дезинформациите“.