Турската полиција изврши рација во неколку градови и уапси 11 новинари поврзани со прокурдските медиуми поради нивните наводни врски со курдските милитанти, соопштија официјални лица.
Апсењата беа извршени неколку дена по усвојувањето на контроверзниот нов закон за медиуми, кој предвидува затворски казни за лицата што шират „дезинформации“ за да предизвикаат „загриженост, страв и паника во јавноста“.
Прокурдската новинска агенција „Месопотамија“ објави дека нејзиниот главен уредник Дирен Јурчевер и уште осум други новинари биле одведени на сослушување. Рациите беа извршени истовремено во нивните домови во Анкара, Истанбул и во уште пет други града, пренесе АП.
Приведени се и двајца новинари од агенцијата „Жан њуз“, се наведува во извештајот.
Од полицијата потврдија дека апсењата се извршени, а на Твитер се наведува дека осомничените се приведени поради информативна содржина „која ја поттикнува јавноста на омраза и непријателство“.
Полицијата во Анкара ја обвинува агенцијата „Месопотамија“ дека дејствува како „совет за печат“ на забранетата Курдистанска работничка партија и нивната акција ја опишува како „антитерористичка операција“.