Фото: Принтскрин

Обединетите нации и неколку земји го осудија нападот на палестински вооружен напаѓач на периферијата на Ерусалим во близина на синагога во кој загинаа седум лица, а повеќе беа ранети. Палестински напаѓач отвори оган пред синагога во источен Ерусалим, при што уби седум лица, а рани три. Напаѓачот е убиен од полицијата.
Тоа беше најсмртоносниот палестински напад врз Израелците од 2008 година.

Aмериканскиот претседател, Џо Бајден, му ја понуди сета помош на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

-САД силно го осудуваат страшниот терористички напад што се случи пред синагога во Ерусалим- изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој наскоро треба да отпатува во регионот.

-Ние сме во близок контакт со нашите израелски партнери и ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност на безбедноста на Израел – рече Блинкен.

Тој разговараше со Нетанјаху и ги понуди сите соодветни средства за поддршка, соопшти Белата куќа.

Нападот го осуди и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој е длабоко загрижен поради моменталната ескалација на насилството во Израел и окупираната палестинска територија. Затоа тој повика на најголема воздржаност, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик.

Обединетите Арапски Емирати го осудија нападот врз синагогата, објави државната новинска агенција ВАМ, повикувајќи се на израелско соопштение од Министерството за надворешни работи. Седум лица загинаа, а десет се повредени. Британскиот министер за надворешни работи исто така го осуди нападот.

-Да се ​​напаѓаат верниците во синагога на Денот на сеќавањето на Холокаустот и за време на Шабат е ужасно. Ние стоиме со нашите израелски пријатели – рече Клеверли.