Седумгодишното дете било спасено откако поминало неколку часа под урнатини во турскиот град Дијарбекир, по силниот земјотрес што рано утринава ги погоди централна Турција и северозападна Сирија. A слично спасување на дете било изведено и во Сирија, според последните информации во светските медиуми.
Спасувачите ги бараат исчезнатите под урнатините и се обидуваат да ги спасат преживеаните.
Материјалните штети се огромни, а на социјалните мрежи се шират вознемирувачки снимки од згради кои се уриваат.
Дел од заробените во урнатините успеале да побараат помош преку социјалните мрежи.
„Спаси ме, јас сум по урнатините“, „Спасете ме, ве молам“, гласат бројни статуси кои кружат на Твитер, чии корисници се обидуваат да добијат објаснување за локацијата на затрупаните.
Во страшниот земјотрес долж турско-сириската граница, погодени се 10 градови, а најтешко страдаа Газијантеп и Искендерум.
Најмалку 912 луѓе загинаа во Турција во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, остро ревидирајќи ги претходните бројки. Тој додаде дека во земјотресот се повредени 5.383 луѓе.
Со најмалку 326 луѓе кои загинаа во деловите на Сирија кои се под контрола на владата, ова го става бројот на загинати во најмоќниот потрес во регионот во речиси еден век на повеќе од 1.200.