Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги подготвува граѓаните на Германија за натамошни поскапувања.
Актуелната криза нема да помине за неколку месеци. Војната во Украина и нарушените синџири на снабдување поради пандемијата на коронавирусот создадоа општа неизвесност. Мора да се подготвиме за фактот дека оваа ситуација нема да се промени во скора иднина – рече Шолц, додавајќи дека „Германија се соочува со историски предизвик“.
Канцеларот ова го кажа на состанокот во својот кабинет со највисоките претставници на работодавците и синдикатите, со што го означи почетокот на таканаречената „заедничка акција“. Целта на овој прв од серијата состаноци е да се најдат инструменти за потиснување на растот на цените. Резултатите ќе бидат познати дури наесен, пишуваат тамошните медиуми.
Како држава, добро ќе ја поминеме оваа криза само ако се обединиме, ако заеднички, рака под рака, наоѓаме решенија. Пораката што ми е важна е да се држиме заедно – нагласи Шолц.
Претседателот на работодавците Рајнер Дулгер исто така гледа темни облаци на хоризонтот.
Земјата се соочува со најтешката економска и општествено-политичка криза од обединувањето. Тоа може да се надмине само со заеднички напори. Постојаниот економски раст, како што е забележан пред пандемијата на коронавирусот и почетокот на војната во Украина, веќе не е нешто што се зема здраво за готово. Пред нас се тешки години – рече тој.

Подготвил: Марјан Велевски