Фото: Твитер / Денис Шмихал

Украина ќе ја поддржи Германија во нејзините напори да ја прекине зависноста од рускиот увоз на енергија и планира на најголемата европска економија да и понуди да ја снабдува со електрична енергија.

-Украина во моментов ја извезува својата електрична енергија во Молдавија, Романија, Словачка и Полска. Ние сме доволно подготвени да го прошириме нашиот извоз во Германија – изјави украинскиот премиер Денис Шмихал за ДПА.

-Имаме доволно електрична енергија во Украина благодарение на нашите нуклеарни централи – рече Шмихал, додавајќи дека ова прашање ќе го покрене за време на посетата на Германија викендов.

Шмихал денеска треба да допатува во Берлин, а утре да има средба со канцеларот Олаф Шолц.

Украина кон средината на март ја синхронизираше својата електрична мрежа со европската мрежа. Оттогаш, Киев извезува меѓу 400 и 700 мегавати електрична енергија дневно во Европската унија и Молдавија.

Шмихал сега сака да ги зголеми извозните квоти за ЕУ.

-Тоа би било многу добро за двете страни. ЕУ би добила повеќе енергија, а ние би добиле девизи, кои ни се многу потребни – посочи украинскиот премиер.

Потрошувачката на електрична енергија во Украина е значително намалена од почетокот на руската инвазија поради масовниот егзодус на населението и економската криза. Ова ослободи простор за извоз на украинска електрична енергија.