Австралиска тинејџерка е шестиот странец кој починал од наводно масовно труење со метанол во Лаос. Сè повеќе земји предупредуваат за потенцијалните фатални последици од пиењето токсичен алкохол во оваа земја од Југоисточна Азија.
Една Британка, уште една австралиска тинејџерка, една Американка и две Данкињи исто така починаа во последните денови од наводно труење во Ванг Виенг, популарна туристичка дестинација.
Холи Боулс (19) неколку дена беше во критична состојба, а животните функции и ги одржуваа со машини во соседен Тајланд откако била евакуирана од Лаос. Нејзината пријателка Бјанка Џонс, исто така 19-годишна, почина во четвртокот.
Британското Министерство за надворешни работи во четвртокот објави дека една Британка починала во Лаос. Подоцна била идентификувана како адвокатката Симон Вајт (28).
Американскиот Стејт департмент во четвртокот за „Си-ен-ен“ потврди дека американски државјанин починал во Ванг Виенг. Не беше наведена причината за смртта, но се вели дека САД внимателно ја следат ситуацијата и обезбедуваат конзуларна помош. Министерството за надворешни работи на Данска претходно соопшти дека двајца дански државјани починале во Лаос, но нема детали за околностите на нивната смрт.
Се верува дека причината за смртта на најмалку тројца странски туристи е поврзана со алкохол, објавија лаонските медиуми во петокот во првите извештаи за масовни труења. Во саботата владата на Лаос објави дека е во тек истрага за да се утврди причината за смртта и вети дека ќе ги изведе сторителите пред лицето на правдата.
Лаос е нетранспарентна комунистичка земја и во последните денови се молчи за смртните случаи иако неколку странски влади издадоа предупредувања до туристите да внимаваат со алкохолот. Во петокот, официјалната новинска агенција на Лао, „KPL“ потврди дека двајца дански државјани и еден американски државјанин починале во Ванг Виенг на 13 ноември.
– Причина за смртта се верува дека е консумирање отровни алкохолни пијалоци. Официјалните лица се во процес на прибирање детални информации, докази и изјави на сведоци и се очекува наскоро да објават официјална изјава – јавува „КПЛ“.
Во петокот полицијата ги приведе директорот и сопственикот на хостелот во кој престојувале туристите – објави „Асошиејтед прес“.
Австралиските тинејџери, двајцата од Мелбурн, патувале во Лаос кога им се слошило по ноќното излегување во Ванг Виенг.