фото: Пикселс

Саудиска Арабија ги прекина разговорите за потенцијална нормализација на односите со Израел, изјавија саудиски дипломатски извори за ДПА.

Монархијата ги прекина разговорите со посредство на САД за нормализација на односите со Израел поради израелското ракетирање на Појасот Газа, потврдија извори додека американскиот државен секретар Антони Блинкен се наоѓа во куса посета на Саудиска Арабија.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман минатиот месец потврди дека двете земји се движат кон нормализација на односите.

-Секој ден се приближуваме, изјави тој во интервју за Фокс Њуз, опишувајќи ги разговорите за првпат како сериозни.

Ријад вчера излезе со сериозна критика за „присилното преместување на палестинскиот народ од Газа“ и го осуди, како што го нарече, „континуираното гаѓање на цивилите“.

Саудиските власти реагираа откако израелската армија им нареди на жителите на северот на Газа да ги напуштат своите домови и да се упатат кон јужниот дел на енклавата, што предизвика стравувања дека може да следи копнена офанзива.

До пред две години Египет и Јордан беа единствените арапски држави со дипломатски односи со Израел.

Преку американско посредство, Израел од 2020 година воспостави односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, Мароко и Судан.