Фото: Принтскрин/„Ен-би-си“

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари денеска ги предупреди Палестинците во северниот дел на Газа да се евакуираат, нагласувајќи дека Израел „ќе нападне со сета сила“.

– Ние сме решени и подготвени за следните фази од војната. Фокусирани сме на Газа, но распоредивме сили низ целата земја и тоа ни овозможува да дејствуваме истовремено во сите правци – рече Хагари на прес-конференција, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Хагари кажа дека стотици илјади палестински цивили досега се евакуираа од северот на Газа на југот од енклавата, откако израелската армија вчера издаде предупредување дека наскоро ќе изврши жесток напад врз областа.

Тој посочи дека Хамас се обидува да ги спречи цивилите да се евакуираат „бидејќи лидерите на организацијата се кријат под нив“.

САД побараа од Израел да ја одложи копнената операција во Појасот Газа, јави весникот „Џерусалем пост“, повикувајќи се на јавната израелска радиодифузна корпорација.

Како што пренесува Анадолија, се уште не е познато каков ќе биде одговорот на Израел на ова итно барање.

САД силно го поддржаа Израел во неговата борба против групата Хамас по нападот од пред седум дена, но изразија загриженост за хуманитарната ситуација на повеќе од два милиони жители на Газа.

Израелската армија вчера побара од 1,1 милион жители на северот на Газа да се евакуираат во рок од 24 часа во јужната половина од енклавата.

Обединетите нации предупредија дека ќе биде невозможно Палестинците во Газа да ја почитуваат наредбата без катастрофални хуманитарни последици.