Резолуцијата во Советот за безбедност со која се бараше полноправно членство на Палестина во Обединетите нации беше блокирана од страна на Соединетите Американски Држави. САД ставија вето при гласањето за резолуцијата што ја предложи Алжир, додека дванаесет држави гласа „за“, а Велика Британија и Швајцарија беа воздржани. Во текстот на резолуцијата му се препорачува на Генералното собрание да ја прими „државата Палестина како членка на Обединетите нации“. Палестинците со години бараат полноправно членство.
Палестинските автономни власти го осудија потегот на САД.
– Оваа агресивна американска политика кон Палестина, нејзиниот народ и неговите легитимни права претставува бесрамна агресија против меѓународното право и е охрабрување за продолжување на геноцидната војна против нашиот народ (…), која го турка регионот уште поблиску до работ на бездна – соопшти кабинетот на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.
Палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур, рече дека одбивањето нема да ја скрши нивната волја и нема да ја спречи нивната решителност.
– Нема да ги запреме нашите напори. Држава Палестина е неизбежна, таа е реална – рече Мансур.
САД, постојана членка на Советот за безбедност, не криеја дека ја отфрлаат иницијативата. Се смета дека ОН не се вистинското место за признавање на палестинската држава, туку тоа треба да произлезе од договорот меѓу Израел и Палестинците. САД постојано го користеа своето право на вето во минатото за да лобираат за својот сојузник Израел.
– САД продолжуваат силно да го поддржуваат решението за две држави – рече американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд по гласањето.
Решението за две држави предвидува независна палестинска држава што коегзистира со Израел. Гласањето не го одразува отфрлањето на палестинската држава, туку признавањето на фактот дека тоа може да се постигне само преку „директни преговори меѓу страните“.
За една држава да биде примена во ОН, прво треба да се даде препорака од Советот за безбедност – со најмалку девет од 15 гласа и без вето од постојана членка. Апликацијата потоа мора да биде одобрена од страна на Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство. Палестинците имаат статус на набљудувач во Обединетите нации од 2012 година, но со години бараат полноправно членство. Х.И.