Со промоција на третиот дел на книгата „Солунска 28“ на легендарниот музичар и автор д-р Неле Карајлиќ, издавачката куќа „Арс ламина“ го почна своето претставување на 36. Саем на книгата. На првиот саемски ден беше претставена книгата од легендата на популарната бившојугословенска група „Забрането пушење“ и на култната ТВ-серија „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ. Ова е четврта книга на Карајлиќ во издание на „Арс ламина“, по „Фајронт во Сараево“ и првите две продолженија на „Солунска 28“. Промотор на новото издание беше уредничката Татјана Димовска-Атанасова. По промоцијата следуваа потпишување на книгата и дружба со авторот.
Д-р Неле Карајлиќ уште со својата дебитантска книга „Фајронт во Сараево“ најави дека е писател на кој сериозно треба да се смета. Тоа го потврди со својот прв вистински роман „Солунска 28“. Приказната за едно семејство почнува на почетокот на 20 век, кога Живота, кој бега од Прахова, и Босилка, која бега од Австро-Унгарија, се среќаваат во Белград, решаваат да почнат заеднички живот и да основаат семејство. И до ден-денес, и покрај војните, бомбардирањата, пожарите, болестите, промената на режимите, национализацијата, приватизацијата и другите потреси, куќата на Живота во улицата Солунска го има истиот број 28. Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот магиски реализам и сараевскиот нов надреализам, д-р Карајлиќ ни раскажува за историјата на една куќа во дорќолската улица и нè води во просторот од другата страна на огледалото, на тромеѓата на животот, смртта и вечноста.
Во чест на Светскиот ден на книгата, 23 Април, издавачката куќа „Арс ламина“ организира низа настани. Во 11 часот, на штандот ќе се одржи работилница за деца „Читањето е супермоќ“, инспирирана од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата, а во 17 часот познатиот поет Никола Маџиров ќе ја потпишува својата прва книга за деца – „Рокчето“. Во 18 часот, во Промоцентарот, „Арс ламина“ организира панел во чест на Светскиот ден на книгата, „Светската книжевност објавена на кирилица“, на кој ќе учествуваат Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.