Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео конференциска врска се обраќа пред Советот за безбедност на ОН. Ова е негово прво обраќање пред Советот за безбедност од почетокот на руската инвазија.
Се очекува тој да ги повика членките на ОН да воведат нови, построги санкции кон Москва. Според информациите, Зеленски ќе зборува и за масакрот на цивилите во Буча, град во близина на Киев, кој го посети вчера по извештаите за масовни убиства на цивили за време на руската окупација.
На почетокот Зеленски истакна дека се обраќа во ОН „во име на жртвите на Русија“.
– Вчера се вратив од Буча, која неодамна беше ослободена. Нема злосторство што Русите не го извршиле таму. Убиваа жени кои се обидоа да побараат помош. Убија цели семејства и се обидоа да запалат тела. Им сечеа вратови и екстремитети на луѓето. Им пукале од зад грв во глава откако ги мачеле и им ги врзувале рацете – истакна Зеленски, додавајќи дека „руските војници ги барале и намерно ги убивале сите што работеле за Украина. Убивале цивили во Буча од задоволство“.
– Тие убиваа и силуваа жени пред нивните деца. И тоа го направија руските војници. Светот допрва треба да види што направија во другите окупирани области на нашата земја – додаде украинскиот претседател во своето обраќање.
Тој ги спореди злосторствата на руската армија со злосторствата на терористичката организација Исламска држава.
– Во Украина ги гледаме најлошите воени злосторства д Втората светска војна. Тие намерно создаваат масовно гладување, намерно уништуваат засолништа полни со цивили. Масакрот во Буча е само еден, за жал само еден пример на она што окупаторите и го прават на нашата земја од почетокот на инвазијата. Мариупол, Бородјанка…таму се вршеа злосторства како во Буча – рече Зеленски.
– Знам што ќе кажат Русите за ова. Тие ќе ги обвинат сите освен себе си за овие злосторства. Ќе изнесуваат различни теории за никој да не знае што се случило. Но, ова е 2022 година, имаме конкретни докази, имаме сателитски снимки… – изјави украинскиот претседател.
Тој истакна дека „руската армија отворено ги ограбува градовите и селата што ги освоија. Тие крадат сè, почнувајќи од храна. Го крадат накитот на жртвите, накит на кој сè уште има крв“.
– Ако вака продолжи, сите земји ќе се потпрат на своите вооружени сили, а не на меѓународното право. ОН тогаш може да престанат да работат. Дали сте подготвени за тоа? Ако не, тогаш мора да дејствувате итно – рече Зеленски.
Според него, „раководството на руската армија и сите оние кои им дадоа наредби мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Ова треба да биде слично на судењето во Нирнберг по Втората светска војна“.