Рускиот Истражен комитет денеска соопшти дека ја истражува украинската главна улога во минатомесечниот напад во близина на Москва, за кој одговорноста ја презеде групата Исламска држава (ИД), пренесе МИА.
– Истражителите успеаја да ги вратат податоците од мобилните телефони на обвинетите за нападот во „Крокус Сити Хол“ – се вели во соопштението.
На 22 март, вооружени напаѓачи упаднаа во концертната сала на „Крокус Сити Хол“ во московскиот регион Красногорск, отворија оган врз гледачите и ја запалија зградата. Во нападот загинаа најмалку 144 лица, а 360 се повредени.
Уапсени се 12 осомничени, вклучително и четворицата наводни напаѓачи, кои се од Таџикистан, поранешна советска република во Централна Азија.
– Според податоците добиени од нивните мобилни телефони, „утрото на 24 февруари 2024 година“ – втората годишнина од почетокот на руската офанзива во Украина, еден од обвинетите на интернет пронашол фотографии од влезовите на „Крокус Сити Хол“ и ги испратил на неговиот претпоставен, тврдат руските истражители. Сето ова обвинетиот го потврди во сведочењето – се вели во пораката.
Дополнително, на мобилниот телефон на лицето се пронајдени „фотографии на мажи во камуфлажа со украинско знаме на позадината на уништените згради“, се додава во соопштението, без да се наведат детали.
– Овие податоци може да укажуваат на врска помеѓу нападот и спроведувањето на специјалната воена операција – додадоа истражителите.
Истражниот комитет нагласува дека спровел истрага за можното учество на „претставници на украинските специјални служби и меѓународни исламистички и терористички организации во организацијата и финансирањето на нападот против „Крокус Сити Хол“.
Кремљ призна дека зад нападот стојат „радикални исламисти“, но истовремено тврди дека во трагедијата биле вмешани и Украина и Западот.