Албанскиот премиер Еди Рама не гледа зошто неговата земја би требало да биде вознемирена и загрижена поради вооружувањето на Србија со анти-ракетен одбрамбен систем.
– Не сум вознемирен, ниту загрижен поради вооружувањето на Србија. Не гледам причина зошто да се вознемирувам, засега. Поважно е да го дишеме ветерот на мирот и да го држиме Западен Балкан што е можно пообединет и со помош на нашите стратешки сојузници, како што е Германија. Не гледам зошто системот за противракетна одбрана може да не вознемирува и загрижува нас-изјавил Рама за германски медиуми.
Тој додал дека Србија преземала охрабрувачки чекори во ОН и оти западен Балкан покажал дека е обединет.
– Србија презеде чекори.Презеде охрабрувачки чекори во ОН. А Балканот до сега е заедно. Соработката во регионот е од големо значење поради конфликтот во Украина-оценил Рама.
Меѓу другото тој одговорил и на прашањето за можна посета на Киев велејќи дека со задоволство би ја реализирал доколку дојде ред.
-Има други пред мене кои заслужуваат да го имаат овој протагонизам. Да дојде редот би го направил тоа со големо задоволство. Но, мислам дека не треба да им го земам редот на другите-изјавил тој.
Рама во својство на претседавач на ОБСЕ во јануари 2020 година беше во прва посета на Киев, кога покрај средбите со други високи личности имаше средба и со претседателот Зеленски.