Рускиот претседател Владимир Путин го посети разурнатиот град Мариупол во рамки на ненадејната обиколка на окупираните делови на Украина.
Новински агенции објавија видео за кое се вели дека го прикажува рускиот претседател Владимир Путин како вози автомобил околу окупираниот украински град Мариупол.
Руските државни медиуми јавуваат дека ова е прво патување на Путин на територијата на украинскиот Донбас откако започна инвазијата врз Украина во февруари минатата година.
Посетата на Мариупол доаѓа по вчерашната посета на Крим по повод деветтата годишнина од руската анексија на полуостровот од Украина и само два дена откако Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за негово апсење поради сомнеж за извршени воени злосторства.
Путин јавно не го коментирал налогот за апсење, но одредени аналитичари гледаат на неговите посети на окупираните украински територии како чин на пркос.
Мариупол падна под руска контрола во мај минатата година после една од најдолгите и најкрвави битки во војната. Тоа беше првата голема победа на Русија во војната откако не успеаја да го заземат Киев.
Путин во Мариупол дојде со хеликоптер, јавија руските новински агенции, повикувајќи се на Кремљ. Ова е посета на Путин најблиску до линијата на фронтот.
Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе пати ги посети војниците на фронтот за да го подигне моралот и да разговара за стратегијата, Путин главно остана во Кремљ да ја води, како што Русија вели, „специјална воена операција“.
Пред војната во Мариупол живееја половина милион луѓе. Таму работеше железарницата Азовстал, една од најголемите во Европа. Градот се наоѓа во регионот Донецк, еден од четирите кои Русија ги анектира во септември минатата година. Киев и неговите западни сојузници го осудија тој потег како нелегален.