Фото: Претседател на Русија

На крајот на 10-тиот месец од руската специјална воена операција во Украина, претседателот на Руската федерација Владимир Путин денеска вети дека ќе бидат задоволени сите потреби на руските вооружени сили.

Обраќајќи му се на руското воено раководство на продолжениот состанок на одборот на Министерството за одбрана во Москва, Путин рече дека нема финансиски ограничувања за снабдување со опрема и хардвер за руската војска.

Претседателот на Русија рече дека НАТО ги користи сите свои ресурси против Русија и ги охрабри собраните воени лидери да се потпрат на искуството што го стекнале во борбите во Сирија „и за време на специјалната воена операција во Украина“.

Поздравувајќи ги руските војници и командниот персонал како херои, Путин рече дека Русија треба да посвети посебно внимание на важноста на беспилотните летала во конфликтот.

– Руската интерконтинентална балистичка ракета Сармат – способна да изврши нуклеарни напади против САД, ќе биде подготвена за распоредување во блиска иднина – рече Путин.

Рускиот лидер потврди дека фрегатата „Адмирал Горшков“, вооружена со хиперсонични ракети Циркон, ќе започне со борбени патроли на почетокот на јануари 2023 година.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска предложи зголемување на бројот на војници во руската армија, од сегашните еден милион на 1,5 милиони во услови на борби во Украина. Тој, исто така, најави зголемување на старосната граница за воена служба.

– Неопходно е да се зголеми бројот на вооружени војници на 1,5 милиони војници, вклучително и 695.000 војници- доброволци со договор – му порача Шојгу на рускиот претседател Владимир Путин, кој се „согласи“ со предлозите, на состанокот за одбрана. Тој не кажа кога војската планира да ја достигне таа цел.

На завршниот колегиум на воениот оддел, Шојгу рече дека Министерството за одбрана на Руската Федерација предлага постепено зголемување на старосната граница за регрутирање на граѓаните од 18 на 21 година, а старосната граница, односно максималната возраст за регрутирање да се постави на 30 години, пренесува ТАСС.