Фото: Пиксабеј

Рускиот претседател Владимир Путин, на конференција за вештачката интелигенција (АИ) во Москва, најави дека наскоро Русија ќе почне да развива напредна верзија за развој на вештачката интелигенција.

Путин смета дека е невозможно да се забрани АИ и предупреди дека би било опасно и неприфатливо да им се овозможи на западните технологии да развијат монопол во таа технологија, објави новинската агенција Ројтерс.

„Како прв чекор во блиска иднина ќе биде потпишан претседателски указ и ќе се усвои нова верзија на националната стратегија за развој на вештачката интелигенција. Таа стратегија ќе донесе значителни промени, вклучувајќи експанзија на фундаменталните и применети истражувања во областа на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели“, рече Путин.

Русија, како што нагласи Путин, треба да направи законодавни и инвестициски промени за да го поттикне развојот на вештачката интелигенција.

САД и Кина предводат во развојот на вештачката интелигенција, технологија за која многу научници предвидуваат дека ќе го трансформира светот и ќе го револуционизира општеството, како што тоа го направија компјутерите на крајот на 20 век. И Москва има амбиции да стане суперсила во вештачката интелигенција, но нејзините резултати засега доцнат поради војната во Украина, која натера голем број талентирани научници да ја напуштат Русија, а Западот воведе санкции против Москва кои го сопреа увозот на високотехнолошки производи, пишува Ројтерс.