Новите извештаи на разузнавачките служби водат до првиот значаен познат доказ за тоа кој е одговорен за нападот на гасоводите Северен тек 1 и 2, кои носеа природен гас од Русија во Европа
„Њујорк тајмс“ открива клучни елементи од разузнавачки извештај во врска со саботажите на гасоводите Северен тек 1 и 2
Новите разузнавачки информации разгледани од американски официјални лица сугерираат дека проукраинска група го извршила нападот врз гасоводите Северен тек 1 и 2 минатата година, што е чекор напред кон утврдување на одговорноста за чинот на саботажа што со месеци ги збунува иследниците од двете страни на Атлантикот. Американските власти рекоа дека немаат докази дека украинскиот претседател Володимир Зеленски или неговите команданти биле вмешани во операцијата или дека сторителите дејствувале по насоки на некој украински владин функционер.
Дрскиот напад на цевководите за испорака на природен гас, кои ја поврзуваат Русија со Западна Европа, ги поттикна шпекулациите во јавноста за тоа кој е виновен, од Москва до Киев и од Лондон до Вашингтон, и остана една од нерешените мистерии. Некои официјални лица сметаат дека Украина и нејзините сојузници имаат најлогичен потенцијален мотив за напад на гасоводите. Тие со години се противат на проектот, нарекувајќи го закана за националната безбедност, бидејќи ќе ѝ овозможи на Русија полесно да ѝ продава гас на Европа.
Претставници на украинската влада и воено разузнавање велат дека немале никаква улога во нападот и не знаат кој го извршил. По објавувањето на написот во „Њујорк тајмс“, кој се повикува на истражување и извештај на разузнавачки служби, Михаило Подољак, висок советник на Зеленски, објави на Твитер дека Украина „нема никаква врска со несреќата во Балтичко Море“. Тој додаде дека нема информации за проукраински „диверзантски групи“.
Американските власти рекоа дека постојат многу работи што не ги знаеле за сторителите и нивните врски. Прегледот на новособраните разузнавачки информации сугерира дека „тие биле противници на рускиот претседател Владимир Путин, но не се прецизирани членовите на групата, ниту кој ја водел или платил операцијата“. Американските извори одбиле да ја откријат природата на разузнавањето, имено како е добиено или какви било детали за начинот на добивање на доказите или пак дополнителни детали или „пикантерии“ што ги содржи извештајот. Американските функционери оставија отворена можност „операцијата да била спроведена неофицијално од страна на платенички сили со врски со украинската влада или нејзините безбедносни служби“!
Американските власти тврдат дека не пронашле докази за вмешаност
на руската влада во нападот
Првичните американски и европски претпоставки и верзии за инцидентот се фокусираа на можната руска вина, особено со оглед на нејзината моќ во подморските операции, иако не е јасно каква мотивација би имал Кремљ да ги саботира гасоводите, со оглед на тоа што тие беа важен извор на приходи и средства за Москва. Процената е дека трошоците за поправка на гасоводите изнесуваат најмалку 500 милиони долари. Американските власти тврдат дека не пронашле докази за вмешаност на руската влада во нападот.
Официјални лица што ги прегледале разузнавачките податоци рекоа дека веруваат дека диверзантите најверојатно биле украински или руски државјани или некоја комбинација од двете. Американските власти рекоа дека немало вмешани американски или британски државјани.
Гасоводот односно цевководите беа разнесени од експлозии во длабочините на Балтичко Море во септември, во она што американските власти тогаш го опишаа како чин на саботажа. Европските власти јавно рекоа дека веруваат дека операцијата што целела на Северен тек веројатно била државно спонзорирана, поради софистицираноста со која сторителите го поставиле и активирале експлозивот на дното на морето без да бидат откриени. Американските власти не изјавија јавно дека веруваат дека операцијата била спонзорирана од некоја држава. Експлозивните направи најверојатно биле подметнати со помош на искусни нуркачи, кои се чини дека не работеле за воени или разузнавачки служби, изјавија американските власти што го прегледале новите истражени елементи од разузнавањето. Но можно е сторителите да добивале специјализирана владина обука во минатото.
Официјални лица рекоа дека сè уште има огромни празнини во она што го знаеле американските разузнавачки агенции и нивните европски партнери за она што се случило. Но официјалните лица рекоа дека тоа би можело да претставува прва значајна трага што ќе произлезе од неколку строго чувани истраги, чии заклучоци „би можеле да имаат длабоки импликации за коалицијата што ја поддржува Украина“?! Секоја сугестија за вмешаност на Украина, без разлика дали е директна или индиректна, може да ги наруши деликатните односи меѓу Украина и Германија, нарушувајќи ја поддршката кај германската јавност, која „ги прифати високите цени на енергијата во име на солидарноста“!
Поделеност на мислењата кај американските власти во врска
со новите разузнавачки сознанија за саботажите во Балтикот
Американските власти што се информирани за разузнавачките информации се поделени околу тоа колку тежина треба да се стави на новите информации, коментира „Њујорк тајмс“.
Сите извори од власта зборуваа под услов да останат анонимни, за да разговараат за доверливи разузнавачки информации и прашања од „чувствителната дипломатија“. Извори од американските власти рекоа дека „новото известување од разузнавањето го зголемило нивниот оптимизам дека американските разузнавачки агенции и нивните партнери во Европа можат да најдат повеќе информации, што би можело да им овозможи да донесат цврст заклучок за сторителите“, односно да се доближат до фактичката состојба и вистината за инцидентот, а не е јасно колку долго ќе трае тој процес. Американските власти неодамна разговараа за разузнавањето со своите европски колеги, кои го презедоа лидерството во истрагата за нападот.
По објавувањето делови од разузнавачкиот извештај во „Њујорк тајмс“, Русија преку Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, се пожали дека била спречена да учествува во истрагата.
ЦИА и Белата куќа ја разгледуваат верзијата за вмешаност на Украина во саботажа на Северен тек
Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја разгледуваат верзијата за одговорноста на Украина за саботажа на гасоводите Северен тек, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на неименувани претставници на американската администрација.
САД веруваат дека Украина имала можност да изврши таква операција, иако во моментов нема достапни информации што укажуваат дека во саботажата биле вмешани украинските власти, пишува весникот. Германската истрага речиси целосно ја отфрли верзијата за вмешаност на Русија во саботажни активности на гасоводи. САД исто така не веруваат дека Русија е вмешана, објави весникот. Германските власти што ги истражуваат експлозиите веруваат дека неидентификуваната група се состоела од пет мажи и една жена што користеле лажни пасоши, се вели во извештаите. Според „Ди цајт“, властите во Германија, Шведска, Данска, Холандија и САД го истражувале случајот.
Западните земји најверојатно нема да го откријат името на украинскиот бизнисмен што наводно е вмешан во саботажата на гасоводите Северен тек, со цел да се одржи единството на Западот во обезбедувањето воена помош за Украина, пишува „Дејли телеграф“, повикувајќи се на свои извори.
Неколку интересни досегашни верзии во врска со саботажите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2
Гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 се протегаат на повеќе од 1.200 километри од северозападниот брег на Русија до Лубмин, во североисточна Германија. Првиот чинеше повеќе од 12 милијарди долари за изградба и беше завршен во 2011 година. Северен тек 2 чинеше нешто помалку од првиот гасовод и беше завршен во 2021 година, поради приговорите на официјалните лица во САД, Велика Британија, Полска и Украина, меѓу другите, кои предупредија дека ќе ја зголеми зависноста на Германија од рускиот гас.
На почетокот на 2022 година, пред почетокот на руско-украинската војна, американскиот претседател Џо Бајден, по средбата со канцеларот Олаф Шолц од Германија во Белата куќа, рече дека одлуката на Путин за тоа дали да ја нападне Украина ќе ја одреди судбината на Северен тек 2.
– Ако Русија изврши инвазија, тоа значи дека тенковите и војниците ќе ја преминат повторно границата на Украина, а тогаш повеќе нема да има Северен тек 2. Затоа, ќе му ставиме крај на тоа – истакна Бајден.
На прашањето како точно ќе се постигне тоа, Бајден нејасно рече: „Ви ветувам дека ќе можеме да го направиме тоа“. Неколку недели подоцна, Шолц објави дека неговата влада ќе го блокира гасоводот Северен тек 2, за да не биде пуштен во функција. Два дена потоа, Русија ја започна воената операција. Околу шест месеци подоцна, во септември, кога се случија експлозиите по должината на гасоводите, па до денес, беа лансирани низа шпекулации за тоа што се случило на морското дно во близината на данскиот остров Борнхолм. Полска и Украина веднаш ја обвинија Русија дека го поставила експлозивот, но тие не понудија докази. Русија, пак, ја обвини Велика Британија за извршување на операцијата, исто така без докази. Русија и Велика Британија негираа каква било вмешаност во експлозиите.
Минатиот месец, истражувачкиот новинар Сејмур Херш објави напис на платформата за билтен „Сабстек“, во кој заклучува дека САД ја извршиле операцијата по налог на Бајден. Во излагањето на својот случај, Херш ја наведе заканата за прединвазија на претседателот да му „донесе крај“ на Северен тек 2 и слични изјави на други високи американски функционери. Американските власти велат дека Бајден и неговите врвни соработници не одобриле мисија за уништување на гасоводите Северен тек и дека немало американско учество. Притоа се додава дека секое откритие што ќе го обвини Киев или украинските платеници може да предизвика бурни реакции во Европа и да го отежне Западот да одржува обединет фронт за поддршка на Украина.
Американските власти и разузнавачките агенции признаваат дека имаат ограничена видливост во донесувањето одлуки во Украина. И покрај длабоката зависност на Украина од САД за воена, разузнавачка и дипломатска поддршка, украинските власти не се секогаш транспарентни со нивните американски колеги за своите воени операции, особено оние против руски цели зад непријателските линии. Тие операции ги фрустрираа американските власти, кои веруваат дека не ја подобрија мерливо позицијата на Украина на бојното поле, но ризикуваа да ги отуѓат европските сојузници и да ја прошират војната.
Операциите што ги вознемирија САД вклучуваат напад на почетокот на август врз руската воздухопловна база „Саки“ на западниот брег на Крим, камион-бомба во октомври што уништи дел од мостот на Керчанскиот Теснец, кој ја поврзува Русија со Крим, и напади со дронови во декември беа насочени кон руските воени бази во Рјазан и Енгелс. Но имаше и други чинови на саботажа и насилство од понејасно потекло што американските разузнавачки агенции потешко им ги припишуваа на украинските безбедносни служби. Еден од нив беше експлозијата на автомобил-бомба во близина тана Москва во август, во која загина Дарија Дугина, ќерка на истакнат руски националист.
Киев негираше каква било вмешаност, но американските разузнавачки агенции на крајот веруваа дека убиството било одобрено од, како што ги нарекоа официјални лица, „елементи“ на украинската влада. Како одговор на наодот, администрацијата на Бајден приватно ги прекори Украинците и ги предупреди да не преземаат слични акции.
Експлозиите што ги разнесоа гасоводите Северен тек се случија пет недели по убиството на Дугина. По операцијата „Северен тек“, во Вашингтон имаше тивки шпекулации и загриженост дека делови од украинската влада можеби биле вклучени и во таа операција.
Новите разузнавачки информации досега не обезбедија докази за соучесништво на украинската влада во нападот на гасоводите, а американските власти велат дека нивото на доверба на администрацијата на Бајден во Зеленски и неговиот висок тим за национална безбедност постојано се зголемува.
Неколку дена по експлозијата, Данска, Шведска и Германија започнаа свои посебни истраги за операцијата „Северен тек“.
Разузнавачите и агенциите за спроведување на законот од двете страни на Атлантикот имаа тешкотии да добијат конкретни докази за тоа што се случувало на морското дно во часовите, деновите и неделите пред експлозиите. Самите гасоводи не беа внимателно следени, ниту од комерцијални ниту од владини сензори. Дополнително, пронаоѓањето на вмешаниот брод или пловила е комплицирано поради фактот што експлозиите се случиле во област со голема фреквенција на трговија.
Според еден (анонимен извор) европски пратеник, кон крајот на минатата година од главната разузнавачка служба на неговата земја, иследниците собирале информации за околу 45 „брода-духови“ чиишто примопредаватели на локацијата не биле или не работеле кога минувале низ областа, веројатно за да ги прикријат своите движења. На пратеникот му беше кажано и дека повеќе од 1.000 фунти експлозиви од „воена класа“ биле употребени од сторителите.
Киев негира каква било вмешаност во септемврискиот напад врз гасоводите Северен тек за транспорт на руски природен гас во Германија, но, според заедничкото истражување на неколку германски медиумски организации, чамецот со кој бил поставен експлозивот бил јахта изнајмена од фирма со седиште во Полска, која наводно им припаѓала на двајца Украинци
Украина негира вмешаност во експлозијата на гасоводите Северен тек, но германско новинарско истражување објавува спротивен став
Демантот на Украина следуваше по извештајот што го објави „Њујорк тајмс“, кој се повикува на анонимни американски разузнавачи што сугерираат дека „е виновна проукраинска група“. Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател, рече дека Украина „апсолутно не била вмешана“.
Москва се сомневаше како САД можат да направат претпоставки без истрага, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го повика Советот за безбедност на ООН самостојно да ги истражи.
Во меѓувреме, германскиот портал „Ди цајт“ објави дека германските власти направиле чекор напред во истрагата за причините за нападите. Според заедничкото истражување на неколку германски медиумски организации, чамецот со кој бил поставен експлозивот бил јахта изнајмена од фирма со седиште во Полска, која наводно им припаѓала на двајца Украинци. Националноста на оние што го извршија нападот не беше јасна. Германските инспектори подоцна одбија да ги потврдат деталите од извештајот, но рекоа дека бродот бил претресен пред седум недели.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус предупреди „да не се донесуваат избрзани заклучоци“.
– Тоа би можело да биде операција за набедување, чија цел е да се прикаже вината на проукраинските групи – изјави тој за германско радио и додаде дека веројатноста за едната или другата теорија е исто толку голема.