Катастрофите низ светот чинат околу 160 милијарди евра годишно. До 2030 година, поради влијанието на климатските промени, ќе се случуваат до 560 катастрофи секоја година, или во просек 1,5 природна непогода секој ден

До 2030 година, светот ќе доживува до 560 катастрофи секоја година или во просек 1,5 природна непогода секој ден. Во последните две децении, на глобално ниво секоја година имало меѓу 350 и 500 катастрофи од среден и од голем обем. Ова е за пет пати повеќе од просекот во претходните три децении. Поради климатските промени се очекува природните катастрофи, кои ќе бидат предизвикани од суша, екстремни температури и разорни поплави, сѐ почесто да се случуваат, се предупредува во извештајот на Одделот на Обединетите нации за намалување на ризикот од катастрофи (УНДРР).
Човештвото пати од „нарушена перцепција на ризикот“, што нè поттикнува на активности и однесувања што предизвикуваат климатски промени и сè поголем број катастрофи низ светот, посочуваат од Обединетите нации.
Игнорирањето на огромните ризици со кои се соочуваме „го доведува човештвото во спирала на самоуништување“, се наведува во соопштението на заменичката на генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед.
– Кревањето тревога со зборувањето на вистината не е само неопходно туку и клучно. Поевтино е да се преземат мерки пред катастрофата да уништи отколку да се чека додека да се случи разурнувањето и да се реагира откако ќе се случи тоа – додаде шефицата на УНДРР, Мами Мизутори, во разговор за „Ројтерс“.
Катастрофите низ светот чинат околу 160 милијарди евра годишно за време на последната деценија. Поголемиот дел отпаѓа на земјите со пониски приходи, кои годишно во просек губат еден отсто од својот БДП поради катастрофите, во споредба со само од 0,1 до 0,1 отсто во богатите земји.
Најтешко се погодени азископацифичките, земји кои годишно губат по 1,6 отсто од БДП. Се проценува дека уште 37,6 милиони луѓе ќе живеат во услови на екстремна сиромаштија до 2030 година поради влијанието на климатските промени и катастрофите.