Грчките противпожарни служби ја продолжуваат борбата со новиот бран смртоносни пожари, втор за еден месец, кој веќе однесе два живота и принуди многу жители да се евакуираат.
Неконтролирани пожари беснеат на североистокот на земјата, на островите Евбеја (близу Атина) и Китнос и во провинцијата Беотија, северно од Атина, придружени со опасна комбинација на силен ветер и температури над 40 Целзиусови степени.
– Имаме девет активни фронта – изјави за АФП портпаролката на противпожарната служба, притоа дообјаснувајќи дека слична ситуација имале и во јули, мислејќи на претходниот бран пожари во кој загинаа пет лица.
Во понеделникот вечер беше издадена наредба за евакуација на болницата во Александрополис, пристаништен град во североисточна Грција, каде што пожарите беснеат веќе четврти ден по ред.
Крајбрежната стража извести дека евакуирала 65 пациенти од болницата на траект што чекал во пристаништето.
Во центарот на островот Евбеја во понеделникот вечер беше издадена наредба за евакуација на индустрискиот град Неа Артаки, каде што во пожарот беа оштетени живинарски и свински фарми.
Пожарот го загрози и националниот парк Дадиџи, на северот на земјата, каде што во понеделникот вечер беше пронајдено тело, најверојатно на мигрант без документи.
Во понеделникот во Беотија бил пронајден мртов и еден овчар.
Европската Унија најави дека ќе испрати два канадера стационирани на Кипар и романска противпожарна бригада преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Екстремно топлото и суво време, кое е исклучително погодно за појава на пожари, во Грција ќе продолжи до петок, предупредува метеоролошката служба.