Писмо од Брисел, слики од Белгија

Многу жители на Брисел не се свесни дека под нивниот град тече река и со самото тоа настанот беше многу популарен кога го најавија. За првпат можеа луѓе во кајаци да пловат и за првпат му беше дозволено на еден новинар да плови по реката и да направи извештај за целиот настан

Лорета Трајкоска
специјално за „Нова Македонија“

Новинари и активисти за заштита на животната средина деновиве во Брисел организираа една многу интересна „авантура“. Станува збор за пловење под реката Зене, којашто тече девет км под Брисел и се влева во реката Схелда, којашто, пак, се влева во Северно Море. Зене тече од југ кон север под малата обиколница и таа е безмалку целосно засводена веќе 150 години. Поради тоа, само мал дел од течението може да се види над земјата.
Многу жители на Брисел не се свесни дека под нивниот град тече река и со самото тоа настанот беше многу популарен кога го најавија. За првпат можеа луѓе во кајаци да пловат и за првпат му беше дозволено на еден новинар да плови по реката и да направи извештај за целиот настан.
Кајаците со кранови беа спуштени надолу во мракот, некаде на југот од градот, кај местото Виваква.

Искуството на новинарот беше многу оригинално и единствено, да плови под земјата и да направи слики и снимки. Комуникацијата меѓу Брисел и реката се одвива и преку канализациски врски од уличните шахти кон реката. Па така, во мракот и во подземната тишина се слушале звуците од уличниот сообраќај, метроата и од трамваите што водат кон паркот „Максимилијан“ и трговскиот центар „Докс“. По поминати седум километри, за првпат реката излегува на виделина.

Искуството било прекрасно да се доживее, според новинарот, но идејата за оваа акција има навистина друга намера. Имено, 10 милиони кубни метри загадена отпадна вода годишно се влева во Зене и во каналот на Брисел. Подигнувањето на свеста за состојбата на оваа подзаборавена река беше од големо значење за многу невладини организации, кои веднаш го дигнаа својот глас и го упатија кон надлежните. Според нив, важно е отпадните води да не се влеваат во реката Зене.

До 2027 година, сите водни патишта низ Унијата би требало да го подобрат својот статус кон чисти води, според директивите, но се чини дека Брисел не е на добар пат да го постигне тоа, велат невладините претставници.

Настанот предизвика голем интерес и кај обичните граѓани, па така, видеата што беа објавени на социјалните мрежи имаа голема посетеност. И кај нив се разви чувството за грижа кон Зене и за поддршка кон почиста животна средина.