Илустрација / Фото: Пекселс

Презирот на иранските власти кон човештвото е неограничен, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок реагирајќи на егзекуцијата на учесник во демонстрациите што го тресат Иран.

Маж осуден за повреда на припадник на паравоени сили за време на протестите во Иран, беше егзекутиран утрово во Техеран. Тоа беше прво извршување на смртна казна на осуден учесник во протестите.

Мохсен Шекари е „осуден и погубен во рамките на подмолно и брзо судење бидејќи не се согласуваше со режимот“, напиша Бербок на Твитер.

– Сепак, заканата со егзекуција нема да ја смири желбата на луѓето за слобода – додаде таа.

Франција, исто така, изрази „силна осуда“ по егзекуцијата во Иран на мажот обвинет за ранување на член на паравоена група.

– Оваа егзекуција се додава на други тешки и неприфатливи прекршувања, рече портпаролката на француското Министерство за надворешни работи – Ан Клер Лежандре.

Тримесечните антивладини демонстрации на кои интервенираа иранските безбедносни сили беа предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше приведена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на Иран.

Во меѓувреме, демонстрациите се претворија во повици за соборување на верските владетели во Иран и претставуваат еден од најсериозните предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.

Револуционерниот суд на Иран редовно изрекува смртни казни. Судот е основан по исламската револуција во 1979 година.