Феноменот на (про)давање оригинални македонски пасоши на оние што законски не им следува одекна кај нас на големи ѕвона во екот на пандемијата. Тоа незаконско поведение беше шокантно и ново за македонската јавност, но потоа стана очигледно дека тоа не е македонски изум. Деновиве, од одредени кругови на меѓународната безбедносна заедница, беа лиферувани безбедносно чувствителни информации дека „добро разработена мрежа за снабдување со оригинални пасоши снабдува одредена група лица од загрозените подрачја на Блискиот, Средниот, но и подалечниот Исток“, кои сакаат да се упатат кон Запад

Трговијата со пасоши зема сѐ поголем замав

Сите добро се сеќаваме на аферата што одекна кај нас пред извесен период кога се утврди дека оригинални пасоши во голем број им биле издавани на лица од целиот свет, за кои подоцна се утврди дека во архивите на безбедносните служби имаат криминални досиеја или, пак, биле извршители на кривични дела, па биле евидентирани и во судските архиви. Оваа афера кај нас крена многу врева во јавноста. Истата таа беше завршена со неколку пресуди на понискорангирани државни службеници. Вревата засега стивна, во очекување да се обнови во помал обем, во оној момент кога ќе излезе на површина уште некое лице, кое противправно поседува македонски „оригинален пасош“.

Растечка онлајн индустрија специјализирана за „оригинални“ пасоши со официјални визи и патни печати

Меѓутоа, деновиве во одредени кругови на меѓународната безбедносна заедница проструија потврдени информации дека добро разработена мрежа за снабдување со оригинални, но се разбира добро „фризирани“ пасоши ги снабдува сите оние што од загрозените подрачја на Блискиот, Средниот, но и подалечниот Исток сакаат да побегнат од своите огништа и да се упатат кон, за нив, побезбедниот Запад. Се разбира и оваа приказна ги надмина строгите протоколи на безбедносните служби, па набргу се најде во фокусот на неколку светски медиуми, кои, пак, тргнаа по трагата на веста и направија свои стории, надградувајќи ја приказната. Една од најатрактивните стории беше онаа дека растечката онлајн индустрија специјализирана за лажни пасоши со официјални визи и патни печати им нуди на луѓето со врски со Исламска држава можност да ја напуштат Сирија и да патуваат понатаму во Велика Британија, ЕУ, Канада и во САД.

Најскапиот пасош 15.000 долари

За што станува збор? Според досега достапните информации, специјализирана мрежа, управувана од Узбекистанец со екстремистички врски што живее во Турција, сега продава висококвалитетни лажни пасоши од различни земји, по цена што се движи до 15.000 долари. Интересна бројка, како за споредба, бидејќи тоа значи дека македонскиот пасош е повисоко ценет, ако се има предвид дека во аферата со македонските пасоши се тврдеше дека биле продавани по 25.000 евра.
За овие пасоши на Узбекистанецот постојат најмалку 10 случаи за луѓе што илегално ја преминале сириската граница во Турција, а кои подоцна ги користеле неговите производи за да заминат преку аеродромот во Истанбул. Продавачите тврдат дека ЕУ е најпопуларната дестинација, но велат дека во најмалку два случаја луѓето можеле да патуваат од Истанбул до Мексико со лажни руски пасоши, а оттаму илегално преку границата со САД. Нигер и Мавританија се исто така популарни дестинации, како и Украина и Авганистан.
Бизнисот на Узбекистанецот работи толку добро, што неодамна отворил нов канал на шифрираната апликација за пораки Телеграм со официјалното име „Истанбул глобал консалтинг“. Растечката трговија сугерира дека опасните екстремисти би можеле да се лизгаат под радарот на безбедносните служби низ светот, бегајќи од правдата за минатите злосторства и потенцијално способни да продолжат со терористичката активност во други земји, освен Сирија.
„Не прашувам во која група е некој. Подготвен сум да работам со секого“, вели Узбекистанецот во разговорот за пораки со новинар на „Гардијан“, кој се претстави како заинтересиран клиент. „Не е моја работа да видам кој е лош, а кој не. Безбедносните служби треба да се справат со тоа“.
Западните безбедносни претставници во 2015 година предупредија дека ИД успеала да добие значајна опрема, како што се празни пасоши и печатачи за изработка на сириски и на ирачки пасоши, кои ги користела за да ги прикрие оперативците меѓу повеќе од 1 милион луѓе што избегале во Европа за време на врвот на бегалска криза. Набргу потоа, ИД презеде одговорност за неколку напади низ континентот, вклучувајќи го и нападот во ноември 2015 година на театарот „Батаклан“ во Париз и бомбашкиот напад во арената „Манчестер“ во 2017 година. Оттогаш, европските гранични агенции инвестираа во технологија и обука на персонал за подобро да ги идентификуваат фалсификуваните пасоши. Во 2020 година, Таџикистан целосно го реновира својот конзуларен персонал во Истанбул и системот на документи во обид да ја елиминира употребата на лажни таџикистански пасоши. Но како одговор, продавачите на лажни пасоши, исто така, ја зголемија својата игра, користејќи поширок спектар на националности за потенцијалните клиенти.

Оригинал на фалсификатот

Интересно е дека многу спомнуваниот Узбекистанец практично работи полуилегално. Како поинаку да се протолкува фактот дека тој на заинтересираните клиенти им испраќа видеа од своите производи, вклучувајќи и сосема нови француски, белгиски, бугарски и руски пасоши, кои изгледаат како да имаат автентични безбедносни водни жигови и холограми. Кога ќе се стават под црно светло, овие руски пасоши содржат материјали чувствителни на УВ-зраци дизајнирани да го спречат фалсификувањето, белгискиот пасош поставен на скенер сличен на оние што се користат на аеродромите се чини дека правилно се чита, а податоците на сопственикот се појавуваат на мониторот.
Според продавачите на документи, невозможно е да се лажира работен биометриски чип, но на многу гранични премини службениците што ги проверуваат пасошите едноставно ги игнорираат оние што не функционираат, мавтајќи му на носителот на пасошот да помине.
– Постои одреден продавач во Турција што на членовите на ИД им обезбедува документи на многу високо ниво (т.е. добро фалсификувани) документи, користејќи соговорници што зборуваат руски, арапски и други јазици за да се грижи за различни клиенти. Свесни сме дека членовите на ИД ги користат овие лажни пасоши за да преминат во Европа, а европската безбедност не е успешна во апсењето на сите нив – вели извор од Министерството за татковинска безбедност на САД.
Ваквите сознанија на американските безбедносни служби ги потврдува уште еден податок. Имено, во обраќање преку апликацијата Телеграм кон луѓето во Ал хал, камп во североисточна Сирија, дом на околу 60.000 жени и деца со врски со ИД, еден од онлајн продавачите од мрежата на Узбекистанецот, странска жена сместена во друг камп во близината, објави: „Ако ви требаат лажни документи од Русија, Централна Азија, Турција, Европа, пратете ми лична порака“.
Постојат неколку опции за пасош, во зависност од етничката припадност на клиентите, јазиците што ги зборуваат, каде сакаат да одат и колку треба да потрошат. Најевтините документи со кои може да се стигне до Европа се руските, киргистанските и казахстанските пасоши, кои чинат околу 5.000 долари или 6.000 долари како дел од пакетот за шенген-виза. Други популарни и малку поскапи опции се украинските и молдавските хартии, кои овозможуваат безвизно патување во ЕУ.
Најскапата опција е европски пасош, кој клиентот ќе го чини 8.000 долари, а него обично го бараат западњаците и Арапите што зборуваат малку француски јазик и можат да се претстават како Французи или Белгијци. Вообичаено, граѓанин на ЕУ пристигнува во Турција со свој пасош, им го продава на Узбекистанецот и неговите колеги за околу 2.500 евра, а потоа фотографијата на пасошот се менува со таа на клиентот. Оригиналниот сопственик на пасошот потоа тврди дека патната исправа е изгубена и поднесува барање за замена во неговиот конзулат во Истанбул.
Пасошите се печатат во нивните земји на потекло и се испраќаат во државата каде што клиентот чека, каде што на границата добива официјален печат за влез во земјата што помага во потврдувањето на легитимноста на документот.
– Самиот пасош релативно не чини ништо за разлика од печатите. Поголемиот дел од парите се наменети за поткуп за добивање на печатите – вели рускиот трговец.