Унгарските власти понудија во Будимпешта да се одржат мировни преговори со учество на Русија со цел решавање на ситуацијата. Ова го изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во интервју за весникот „Ел паис“.
– Порано имавме прагматични односи. Од почетокот на војната премиерот Орбан разговараше со Путин. Премиерот понуди Будимпешта да биде домаќин на мировните преговори – рече Сијарто за односите со Русија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого западните медиуми го квалификуваат како про-Путин, при прогласувањето победа на неодамнешните национални избори, го смести украинскиот претседател Владимир Зеленски меѓу „противниците што ги совладал“. Зеленски претходно го критикуваше Орбан, нарекувајќи го „единствениот во Европа кој отворено го поддржува Путин“.
По почетокот на војната во Украина, Орбан зазема помек пристап кон Русија во однос на останатите западни лидери, поддржувајќи ги санкциите врз Москва, но одбивајќи да испрати оружје во Украина, додека им дозволува на државните медуми да го пренесуваат рускиот наратив за конфликтот. Унгарија бара промени и за последниот пакет санкции на ЕУ, истакнувајќи дека забраната за руската нафта би била погубна за нејзината економија. Брисел дозволи отстапка од две години за Унгарија во однос на увозот на руска нафта, но Орбан бара пет години и значително финансирање од ЕУ.