Фото: ЕПА

„Протече“ писмо на унгарскиот премиер за детали од средбата со рускиот претседател и за неговите ставови и барања

По посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва, во јавноста „протече“ документ во форма на писмо известување на унгарскиот премиер, во кое тој темелно го образложува ставот на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Украина. Станува збор за писмо од 5 јули, поделено на девет точки, адресирано до ЕУ, поточно до Европскиот совет и до Шарл Мишел

На почетокот на јуни Унгарија го презеде ротирачкото претседавање со Европскиот совет, а Будимпешта уште на самиот почеток јасно им стави до знаење на сите во Европската Унија дека нејзиниот надворешнополитички приоритет за време на шестмесечното претседавање ќе биде „постигнување мирно решение за украинскиот конфликт“!
Во практична смисла, Унгарија навистина веќе презеде конкретни чекори по ова прашање, но тоа предизвикаа критики, па дури и гнев кај претставниците на повеќе членки на ЕУ. Тоа се однесува, пред сѐ, на направените чекори на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посета на Москва и на Пекинг изминатиов период и за активностите при тие средби.

За издвојување е дека Орбан претходно го посети и Киев, при што и таму разговараше за истите теми, во основа за начините и условите за прекин на украинско-рускиот конфликт.

ЕУ налутена бидејќи Орбан не се искоординирал со Брисел

Според Брисел, „особено интригантен бил разговорот на Орбан со рускиот претседател Владимир Путин“. Според западните земји, „Путин е целосно изолиран од Западот“. Но, сепак, политичката реалност сведочи дека тој не е изолиран од „остатокот од светот“, за што сведочи и дводневната посета на индискиот премиер Нарендра Моди во Москва.

Второ, ниту средбата со кинескиот претседател, а и последната средба на унгарскиот претседател Орбан со рускиот претседател, не укажува на ставот на Западот за „целосна изолација на Путин“.

Но настрана тоа, интересно е дека изминативе денови реномираниот магазин „Политико“ тврди дека имал пристап до „писмо на унгарскиот премиер“, во кое тој темелно го разјаснува ставот на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Украина. Станува збор за писмо од 5 јули, поделено на девет точки, а адресирано за Европскиот совет.

Орбан од мировната мисија ги донесе ставовите на Путин за Украина

Писмото, упатено од Орбан до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, споделено и со другите членки на високата ЕУ-институција, ги портретира размислувањата на Путин за состојбата на војната во Украина, но исто така ги отсликува и размислувањата на Орбан околу следните потези на ЕУ. Орбан, пренесувајќи ги од прва рака становиштата на рускиот претседател, во писмото до Мишел напишал дека Путин тврди дека „времето не е на страната на Украина, туку на страната на руските сили“.

Орбан, од своја страна негираше дека изнел „какво било мислење во име на Европскиот совет или Европската Унија“ за време на неговата посета на Москва, при што пренесе интересен податок од Москва дека „руската страна ги проценува месечните загуби на украинските сили на 40-50 илјади војници“. Наедно, претседателот на Русија, Путин, во разговорот не ги споменал руските загуби во војната, и тоа е нагласено во писмото.

Унгарскиот премиер во писмото го информирал Европскиот совет дека Москва е „подготвена да го разгледа секој предлог за прекин на огнот што не служи за прикриено преместување и реорганизација на украинските сили“, без дополнително да објасни која е намерата на Путин.

Унгарскиот премиер верува во мир, но предупредува на влошување на состојбата

Во тврдењето на Орбан за состанокот, во споменатото писмо до Европскиот совет, тој вели дека му рекол на Путин оти „многумина тврдат дека е во интерес на Европа да се врати во период на економски раст, заснован на траен мир, што е можно поскоро“, додавајќи: „Фактот што дипломатските канали се блокирани ја намалува шансата за мир и дека нема директен дијалог меѓу страните што имаат водечка улога за создавање услови за мир“.

Дипломат на ЕУ, анонимно зборувајќи за писмото на Орбан, истакна дека ништо од сите напори на Европскиот совет во изминатите две и пол години не се рефлектира во писмото.

Орбан во осмата точка напишал дека верува оти сè уште се можни прекин на огнот и мировни преговори, но додаде дека „во следните два месеца ќе видиме позначителни загуби и развој на ситуацијата на фронтот отколку кога било досега“, доколку војната не престане.

ЕУ и нејзините лидери не се најсреќни за тоа унгарскиот премиер Орбан да се однесува како „слободен стрелец“.

Тие изјавија дека заеднички настапуваат и дека токму со заедничка координација „во голема мера ја прекинале комуникацијата со Москва и наметнале едногласно серија санкции по избивањето на воениот конфликт“.

Беше предвидено амбасадорите на ЕУ во Брисел во текот на изминатава недела да разговараат за дипломатските посети на Орбан. Но тоа не се случи. Мисијата на Орбан, барем во однос на завршувањето на војната, според одредени извори во Брисел, веројатно нема да успее, бидејќи украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрлил Орбановиот обид да се разговара со Кремљ.

Овој став го пренесува и магазинот „Политико“ и заклучува дека тоа „веројатно нема да го одврати унгарскиот лидер“, кој го потпишал писмото со зборовите „ќе ги продолжам моите разговори со цел да ги разјаснам можностите за мир следната недела“. Р.С.


Европа треба да преземе посериозни напори за мировно решение во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Обран заклучи дека Европа треба да го преземе водството во напорите за враќање на мирот во Украина, имајќи предвид дека САД сѐ повеќе се зафатени со изборната кампања за претседателските избори во ноември.
– Политичкото раководство на САД е ограничено поради тековната изборна кампања. Затоа, не можеме да очекуваме таков предлог од САД во наредните месеци. Треба да размислиме, во духот на европската стратегиска автономија, да почнеме европска иницијатива – напиша за јавноста унгарскиот премиер Виктор Орбан.