Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја турка Европа во војна со Кина од 900 милијарди долари
Во вчерашниот број објавивме делови од неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за состојбата во Унијата на економски план, односно за новиот европски „економски компас“. Во својот говор, таа категорично потврди дека ЕУ ќе постави „нов амбициозен економски курс“, синхронизиран со американскиот, особено во делот од „намалување на ризикот во синџирите на снабдување во однос на Кина“. Таа најави дека во иднина „ќе постои јасна усогласеност помеѓу новата економска доктрина (мислејќи на администрацијата на Бајден со ЕУ) за воспоставување контрола на извозот на одредени технологии. Според експертите, тука се мисли особено во областите како што се чиста технологија, соларна индустрија и електрични возила, а овие контроли се засноваат на американскиот модел. Само пред нешто повеќе од две и пол години, ЕУ беше на работ да започне со својот сеопфатен договор за инвестиции меѓу ЕУ и Кина. По седум години преговори, кои беа започнати од германската канцеларка Ангела Меркел, договорот „мудро беше замрзнат од Европскиот парламент“! Што натаму?
Анализа на „Тајм“: Построг пристап на Европската Унија кон Кина?
Новиот построг пристап на Европската Унија кон Кина е обликуван од француската загриженост дека трговските практики на Пекинг почнаа да претставуваат критична закана за базичните индустрии. Владата во Париз презеде клучна улога во придвижувањето на промената на политиката.
Интересно е што магазинот „Тајм“ посвети поголема статија на ова прашање, при што се повикува на официјални лица, кои зборуваа под услов да останат анонимни. Соговорниците на магазинот потсетија на дебаклот во соларната индустрија пред една деценија, кога евтиниот увоз од Кина имаше силен импакт на европското производство. Едно од официјалните лица рече дека европската автомобилска индустрија потенцијално може да биде ранлива на ист начин и затоа ЕУ се соочува со бинарен избор: или ќе ја потврди својата моќ или ќе ѝ се потчини на Кина.
Намерата не е да се претворат трговските односи на Европа со Кина од 900 милијарди долари годишно во директна битка како онаа на Пекинг со САД, туку, како што се нагласува во статијата, „да се воспостави поле за рамноправна игра меѓу најголемите економски блокови во светот“, додаваат официјалните претставници.
Францускиот претседател Емануел Макрон сака партнерите да ја гледаат Европа како балансирачка сила меѓу двете светски економски суперсили, рече едниот соговорник. Тоа ќе им овозможи на Париз и на другите престолнини да негуваат посебни односи со други потенцијални сојузници како што е Индија.
Сепак, цврстиот став на ЕУ, исто така, предизвикува нервоза, па дури и официјални лица во Париз се загрижени за тоа што значи да се претворат француските принципи во пракса. Еден од нив го опиша одговорот на Пекинг на отворањето истрага за кинеските субвенции за електрични возила како загрижувачка претерана реакција, додека друг го призна ризикот од трговска војна.
Германија направи чекор назад од заложбите на европските (француските)
политики кон Кина
Вицепремиерот на Кина, Хе Лифенг, изрази „силна загриженост и незадоволство“ поради главниот трговски преговарач на ЕУ, Валдис Домбровскис.
Макрон долго време се залагаше за преиспитување на економските цели на ЕУ за да обезбеди алатки за заштита на индустриите во опаѓање и поголема државна помош за клучните сектори. Сепак, француските иницијативи честопати наидуваа на одбивање од други земји, вклучувајќи и од Германија, кои стравуваат дека одмаздата ќе им наштети на нивните извозници, а помалите нации се загрижени за нелојалната конкуренција од гигантските фирми преполни со јавни пари.
Сега ЕУ започна истрага за субвенции што може да доведе до воведување тарифи и ја зголемува можноста за драстична промена во креирањето на европската политика што ќе ги отфрли принципите на слободна трговија и отворени пазари како најдобар начин за одбрана на економските интереси на континентот.
Со оглед на тоа што Германија направи чекор назад од водечката европска политика, ова остави вакуум за другите, вклучувајќи ги и Франција и Европската комисија, да се туркаат за влијание, вели Мујтаба Рахман, шеф на истражувањето за Европа во групацијата Евроазија. Потегот на Макрон беше поттикнат и од планот на претседателот Џо Бајден за огромни субвенции според Законот за намалување на инфлацијата (ИРА) за да се поттикне домашната индустрија во климатската транзиција.
– Големиот повик за будење беше ИРА, кој целосно ја преуреди дебатата и ѝ даде на Франција многу повеќе моќ да каже дека Американците на крајот спроведуваат многу поактивно управувана економија и имаат многу поголема улога за индустриската политика – рече Рахман.
Домбровскис (од името на ЕУ) неодамна во Пекинг рече дека копирањето на употребата на субвенциите од САД и Кина за поддршка на домашното производство на електрични возила е „сомнителна“ идеја за Европа. Тој додаде дека „додека ние играме според правилата, очекуваме и другите да играат според правилата и треба да можеме да се браниме кога ќе видиме присуство на субвенции што ја нарушуваат трговијата во една или друга форма“.
– Ако го погледнете ова на многу едноставен начин, можете да кажете дека ако се материјализираат европските мерки за кинеските електрични возила, тогаш постои ризик од одмазда на која германските автомобили би можеле да бидат најмногу изложени. Но нема да биде нужно црно-бело како што се чини на прв поглед. Дали Кина навистина ќе возврати на истите производи? Со тоа ризикува да биде многу посложена целата ситуација – вели главниот економист на „Сосиете женерал“, Михала Маркусен.
Колкава е способноста на Макрон да влијае на политиката на ЕУ
Според пресметките на „Алијанц трејд“, доколку ЕУ сака да наметне зголемување на царините за 1 процентен поен, вкупните загуби за Кина – земајќи ја предвид чувствителноста на цените – би биле околу 8,4 милијарди долари. Иако тоа може да биде голема сума, таа изнесува само 0,2 отсто од кинескиот извоз во споредба со 1,5 отсто од увозот во ЕУ.
Зависноста од кинески стоки, исто така, може да се трансформира во асиметричен инфлациски шок, бидејќи Европа ќе мора да прифати повисоки цени за критичните материјали, додека Кина би можела да биде посамодоволна или да се сврти кон други пазари за да ги замени европските стоки.
Во услови на висока инфлација и рекордна кампања за затегнување на монетарната политика на Европската централна банка, ЕУ би можела да заврши во рецесија, според Ана Боата, шефица на економските истражувања во „Алијанц трејд“.
Способноста на Макрон да влијае на политиката на ЕУ, исто така, се поврзува со неговиот политички бренд, кој го изгради со прифаќањето на европскиот проект како начин да ги брани интересите на обичните луѓе. Со парламентарните избори за ЕУ во јуни следната година, таа визија ќе се соочи со уште еден стрес-тест против првата француска националистичка партија на Марин Ле Пен.
Во дебатата за тоа дали да се ризикува трговска војна со Кина, еден висок француски функционер рече дека гласачите повеќе се грижат за покажување сила отколку за интересите на корпорациите.