Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека разговорите и конференциите нема да донесат резултат доколку не се најде конкретно решение за проблемите со кои се соочуваат домашните превозници поради ограничувањата за престој во Шенген-зоната.
Говорејќи на панел-дискусија во рамките на Швајцарско-македонскиот бизнис-форум, организиран од „Свис чем“, Николоски ја посочи Швајцарија како позитивен пример за решавање на проблемот преку билатерални договори. Тој изрази надеж дека и другите земји од Шенген-зоната ќе го следат нејзиниот пример, пренесе МИА.
– Можеме да имаме одлични конференции и да разговараме, но ако потоа останеме затворени, беспредметен е секој разговор – оцени Николоски.
Тој објасни дека голем број македонски превозници се соочуваат со сериозни ограничувања бидејќи во Шенген-зоната се третираат како туристи, што им го ограничува престојот на најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Според Николоски, досегашните обиди за изнаоѓање заедничко решение меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија сè уште не резултирале со конечен договор.
Како напредок, тој ги посочи двете можности за надминување на проблемот: признавањето на возачите како професионалци во новата визна стратегија на Шенген-зоната, со што би се издвоиле од категоријата туристи, и склучувањето билатерални договори со одделни земји за добивање долгорочни работни визи.
Николоски ѝ се заблагодари на Швајцарија, која, како што наведе, прва почнала да издава вакви работни визи за професионалните возачи. Тој изрази очекување оваа практика да ја прифатат и другите членки на Шенген-зоната.
Министерот се осврна и на влијанието на ограничувањата врз конкурентноста на домашното стопанство. Според него, извозот на стоките со домашни превозници е поевтин отколку ангажирањето странски компании, кои треба да дојдат во земјава, да ја преземат стоката и да ја транспортираат до крајната дестинација.
Тој оцени дека ова е сериозен предизвик за економијата, покрај другите прашања поврзани со транспортот и граничните премини.































