Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека му рекол на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема да се согласи со договор за прекин на огнот во Либан доколку не престане повторното вооружување и прегрупирање на Хезболах.
Макрон претходно повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран, како и крај на извозот на оружје што се користи во Појасот Газа и Либан.
-Премиерот му кажа на претседателот Макрон дека е против унилатерален прекин на огнот, кој нема да ја промени безбедносната ситуација во Либан и ќе ја врати земјата во претходната состојба – се наведува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Се додава дека Нетанјаху нагласил дека „Израел дејствува против терористичката организација Хезболах за да ја спречи да им се заканува на граѓаните на Израел на северната граница и да им дозволи безбедно да се вратат дома“.
Франција во понеделникот ги отфрли барањата на Нетанјаху за мировната мисија на ОН, позната како УНИФИЛ, да се повлече од својата позиција во Либан.
Нетанјаху, како што се наведува, бил изненаден од намерата на претседателот Макрон за Париз да биде домаќин на конференција за Либан, со учесници како Јужна Африка и Алжир, за кои рече дека „работејќи да му го ускратат на Израел неговото основно право на самоодбрана всушност го отфрлаат неговото право на постоење“.
Кабинетот на израелскиот премиер во посебно соопштение реагираше на изјавата на Макрон дека Нетанјаху мора да се придржува до одлуките на ОН и дека не смее да заборави дека неговата земја е создадена со одлука на таа меѓународна организација.
Во соопштението се наведува дека државата Израел е основана преку „војната за независност со крвта на нејзините херојски борци, од кои многумина го преживеаја Холокаустот, вклучително и режимот на Виши во Франција“.