Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека милитантната група Хамас предложила „бројни измени“ во својот одговор на предлогот за прекин на огнот и дека „некои од промените се остварливи, а некои не се“.
– Некои од предлозите на Хамас го надминуваат она што групата претходно го прифати во разговорите за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа – рече Блинкен на прес-конференција во Доха.
Тој, исто така, го обвини Хамас за застој во напорите за прекин на огнот, тврдејќи дека тие се единствените кои треба да го поддржат планот.
– Хамас можеше да одговори само со еден збор: да. Наместо тоа, тие чекаа речиси две недели и побараа бројни промени – рече Блинкен.
Додека Блинкен тврди дека Израел го прифатил планот, високите израелски лидери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, повеќе пати рекоа дека Израел нема да ја заврши војната пред да го порази Хамас.