Фото: Твитер-профил на рускиот претседател

Кога рускиот претседател Владимир Путин и неговиот француски колега Емануел Макрон минатата недела се соочија преку невообичаено долгата маса на средбата во Москва, таквата глетка предизвика големо внимание во јавноста, пишува „Гардијан“. Рускиот лидер потоа го седна германскиот канцелар Олаф Шолц на крајот од масата. Причината за одржувањето дистанца при средбите претставуваше одбивањето на Макрон и на Шолц да се тестираат со руски ПЦР-тест.

А масата стана предмет на расправа откако произведувачите на мебел од Шпанија и Италија тврдеа дека биле ангажирани од Кремљ да ја направат сега веќе познатата четириметарска маса.

Сопственикот на истоимената шпанска компанија за мебел, Висенте Сарагоса, вели дека масата несомнено е негово дело. Во интервју за шпанска радиостаница тој кажа дека веднаш штом ја видел фотографијата, почнал да разгледува дали има некакви недостатоци на масата. Сарагоса наведува дека масата е направена од буково дрво. Шпанската компанија на нејзината интернет-страница истакнува дека имала повеќе нарачки за изработка на мебел од Кремљ и од поранешните советски републики.

Фото: Твитер-профил на рускиот претседател

Од друга страна, Ренато Полоња, сопственикот на семеен бизнис за мебел од Комо, Италија, е вчудоневиден со тврдењата на Сарагоса.

– Искрено, не знам што да кажам, бидејќи ова е моја работа од 1995-96 година и фотографиите од масата беа објавени, главно во Русија, каде што официјално се објавени во 2000 година. Овој човек, што не го познавам, вели дека ја изработил масата во 2005 година, па нешто тука не е во ред. Како доказ ги имаме сите сертификати за изработката, а имам и признание од рускиот претседател, кој во тоа време беше Борис Елцин – тврди Полоња, кој смета дека Сарагоса можеби изработил копија од масата која е негово дело.

Засега останува мистерија кој е производителот на масата.