Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел го поддржува приемот на Украина во Европската Унија до 2030 година, доколку се исполнат одредени услови и ако секој си ја заврши својата „домашна задача“.
– Украина може да биде дел од Европската Унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача – изјави Мишел во интервју за „Шпигел“.
Тој порача и дека Европската Унија мора да го забрза процесот на одлучување.
– Со брзиот прием на Украина, Европската Унија би докажала и дека е способна за геополитичко дејствување – додава тој.
Сепак, тој нагласи дека нема да има олеснување на критериумите за пристап за Украина или други кандидати. Освен Турција, тоа се шесте земји од Западен Балкан и Молдавија.
– Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските услови – рече Мишел.
Проширувањето на ЕУ ќе биде тема на состанокот на европските лидери в четврток и петок во Гранада.
Украина е кандидат за членство во ЕУ од јуни 2022 година. За почеток на преговорите треба едногласна одлука на 27 земји-членки.
Преговорите за пристап може да траат неколку години и членството не е загарантирано.