Нуклеарна електрана „Запорожје“/Фото: Енергоатом

Најголемата нуклеарна централа во Украина е под контрола на руските сили, соопшти денеска, Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повикувајќи се на информациите добиени од Москва.

Гроси изјави до Агенцијата пристигнало официјално писмо од Москва со известување во кое се наведува дека нуклеарната централа „Запорожје“ ја опслужува редовен персонал, дека истата работи нормално, како и во услови на нормално ниво на радијација.

Во Украина има 15 нуклеарни реактори разместени во четири нуклеарни централи, од кои „Запорожје“ е најголемата, а воедно и најголема во Европа.

Гроси веќе изрази загриженост за можноста од нуклеарна несреќа во Украина во услови кога во земјата се водат интензивни оружени престрелки, ситуација заради која за денеска е закажан и состанок на одборот на гувернери на МААЕ.

Претходно Киев ја извести МААЕ дека има контакти со персоналот на сите нуклеарни централи во земјата, како и дека капацитетите работат нормално.

Антон Херашченко, советник на украинското Министерство за внатрешни работи, изјави дека руските сили сакаат да ја преземат контролата врз нуклеарната централа во Јужна Украина, Според него, забележани се неколку хеликоптери како се движат во таа насока.

Руските единици уште минатата седмица ја презедоа контролата врз нуклеарна централа „Чернобил“. Во настапувањето на руските трупи во забранетата зона околу Припјат се раскопани горните слоеви од почвата што доведе до умерено покачување на радиоактивноста во локалитетот.