Фото: Пиксабеј

Лидерите на ЕУ му посакаа успех на Доналд Трамп во неговиот втор мандат како претседател на САД, јави ДПА.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста попладнево на платформата Х ги објавија своите најдобри желби до новиот американски претседател.

– ЕУ со нетрпение очекува да работи тесно со вас за да се справи со глобалните предизвици – напишаа двајцата, пренесе ДПА.

Во објавата на Х го има повикот до новата администрација за тесна соработка со ЕУ.

– Заедно, нашите општества можат да постигнат поголем просперитет и да ја зајакнат нивната заедничка безбедност. Ова е трајната сила на трансатлантското партнерство – напишаа Кошта и Фон дер Лајен во заедничката објава на Х.

И лидерите од земјите на Западен Балкан упатија честитка до новиот американски претседател.

– Во име на граѓаните на Босна и Херцеговина и во мое лично име, упатувам најтопли честитки за вашето повторно преземање на функцијата претседател на Соединетите Американски Држави. Ви посакувам добро здравје и успех во извршувањето на вашата висока функција, во интерес на пријателскиот народ на Соединетите Американски Држави, мир и добро во светот – се вели во пораката на Денис Беќировиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Беќировиќ подвлече дека САД одиграа клучна улога во градењето и зачувувањето на мирот во Босна и Херцеговина, континуирано дејствувајќи како силен гарант за мирот и стабилноста во БиХ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на Трамп и наведе дека со нетрпение очекува да работиме со него и неговата администрација за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство со Соединетите држави.

– Ќе ја надоградуваме нашата силна соработка на военото и енергетското поле и ќе продолжиме да ги подобруваме економските можности и размената во туризмот – напиша Пленковиќ објавувајќи фотографија од заклетвата на Трамп за 47-ми американски претседател.

Честитки за денешната инаугурација пристигна и од премиерот на Словенија, Роберт Голоб.

– Му честитам на Доналд Трамп за денешната инаугурација. Словенија и САД имаат долгогодишно пријателство и богати билатерални односи. Очекуваме дополнително подобрување на односите меѓу нашите две сојузнички земји и зајакнување на трансатлантското партнерство. Само заедно ЕУ и САД можат имаат големо влијание во справувањето со глобалните предизвици на денешната меѓународна заедница – изјави Голоб.

Вториот мандат на Трамп му го честиташе и косовската претседателка Вјоса Османи.

– Честитки до претседателот Доналд Трамп што положи заклетва како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Косово е подготвено да работи со вас, потпретседателот Венс, и вашата администрација за зајакнување на нашиот посебен однос, промовирање на заедничките вредности на слободата и соочување со предизвиците на нашето време. Во име на народот на Косово, ви посакувам многу успех. Божји благослов – рече Османи.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ му честиташе на Трамп за неговиот реизбор за претседател, велејќи дека „најдобрите денови за американската економија допрва доаѓаат“.

– Затоа, Црна Гора, како и целата светска економија, имаат причина за голем оптимизам. Ќе го унапредиме повеќе од вековното пријателство на нашите земји и повеќегодишната алијанса во рамките на НАТО, водени од заедничката визија за силен економски раст, пониски даноци и економија ориентирана кон нашите граѓани – напиша Спајиќ на Х.

По повод инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека три работи ќе го карактеризираат неговото владеење: борба против „длабоката држава“ во САД за да заштеди што е можно повеќе пари за неговите проекти, намалување трговскиот дефицит со Канада, Европската унија и Кина и напорите да се запре војната меѓу Русија и Украина.