Басманскиот суд во Москва им одреди притвор на вкупно осум обвинети во случајот со терористичкиот напад на концертната сала „Крокус“, за кои истрагата тврди дека се директни извршители на нападот и им се заканува доживотен затвор. Тие се обвинети дека упаднале во концертната сала „Крокус“, ​​во петокот вечерта, почнале да пукаат во цивили од непосредна близина, а потоа ја запалиле зградата, што предизвикало уривање на покривот и убивање на многумина што не успеале навреме да се евакуираат.

Главноосомничени

Четворицата главни осомничени за бруталниот напад на концертната сала во Москва се појавија пред судот под обвинение за тероризам. Приведени се Мухамедсобир Фаизов, Далерјон Мирзоев, Саидакрам Рачабализода и Шамсидин Фаридуни.
Според руските медиуми, за терористичкиот напад им биле исплатени 5.000 евра. „Известија“ пишува дека еден од терористите на сослушувањето рекол дека за „работата“ добиле хонорар од 500.000 рубли, што е околу 5.000 евра. Тоа е сума што беше ветена не за еден, туку на сите заедно.
Првообвинетиот Мирзоев (32) од Таџикистан во целост ја признал вината, соопшти судот во Москва. Тој е и најстариот извршител, оженет е и има четири малолетни деца. Како што пренесува Си-ен-ен, тој бил во Русија врз основа на тримесечна дозвола за привремен престој во сибирскиот град Новосибирск, која во меѓувреме истече.
Рачабализода, второобвинетиот, има 30 години и исто така веднаш ја призна вината. Преку преведувач, тој пред судот изјави дека има руски документи за регистрација, но дека не може да се сети каде се тие. Тој е оженет и татко на едно дете, а досега немал криминално досие. Си-ен-ен наведува дека во 2018 година, според руските медиуми, тој бил приведен поради кршење на режимот на престој и бил протеран од Русија.
Третообвинетиот Фаридуни (25), исто така родум од Таџикистан, е татко на осуммесечно бебе. Бил вработен во фабрика во индустрискиот град Подолск и е регистриран во Красногорск. Според руските медиуми, тој во Русија пристигнал на 4 март од Турција, а снимено е дека се појавил на 7 март на концертот на италијанскиот тенор Алесандро Сафина во концертната сала „Крокус“. „Известија“ пренесува дека е можно нападот да бил планиран за 8, 9 и 11 март, бидејќи тогаш се одржувале концерти.
Четвртоосомничениот Фаизов е и најмладиот, бидејќи е роден во 2004 година. Руските медиуми јавуваат дека тој работел во берберница во Иваново, североисточно од Москва, каде што бил регистриран.
– Беше добар бербер… Не забележав ништо чудно кај него – вели Јамина Сафиев, сопственичка на берберницата во која работел Фаизов. Не останал долго во берберницата, а подоцна почнал да живее со Фаридуни во хостел, пренесува „Известија“.
– Одвреме-навреме им се придружуваа и други гости – изјави менаџерот на хостелот во кој живееле. Меѓу нив бил и Далерјон Мирзоев, а подоцна пред судот рекол дека човек по име Абдул, кого го запознал преку Телеграм, купил автомобил за да можат да се возат со такси. Бидејќи договорот не успеа, Мирзоев се согласи со предлогот да учествува во терористичкиот напад.
Шефот на Истражниот комитет на Русија, Александар Бастрикин, изјави дека главните осомничени ја признале вината и дале исказ во истрагата за околностите на злосторството, како и за нарачателите.

Други осомничени

Освен овие четворица, според истражителите, уапсени се три лица што им помагале на сторителите во подготовката на делото – им обезбедиле стан, автомобил и пари. Приведени се Аминчон Исроилович Исломов, Диловар Исроилович Исломов, како и Исроил Ибрагимович Исломов, јави ТАСС, наведувајќи дека Аминчон и Диловар се браќа, а Исроил им е татко.
Сите тројца се родени во Душанбе, браќата се руски државјани, а таткото е државјанин на Таџикистан. Диловар е оженет, има дете и работел како таксист, а Аминчон има седум деца.
Алишер Касимов е осмиот и последен човек кому му е одредена мерка притвор до 22 мај. Според руска „Известија“, тој е осомничен дека на напаѓачите им обезбедил стан во Путилково, каде што поставиле база за подготовка на напад на концертната сала. Тој пред судот изјавил дека не знаел за плановите на терористите, а станот им го дал под кирија откако тие го изразиле својот интерес на интернет. Касимов е руски државјанин, роден во градот Ош, а, наводно, има три деца и кафуле во Красногорск.
Шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСС), Александар Бортников, соопшти дека, покрај приведените единаесет лица осомничени за директна вмешаност и соучесништво во нападот во регионот на Москва на 22 март, има и други инволвирани, чиј број ќе продолжи да расте, објавија британските медиуми, цитирајќи руски новински агенции.

Почина уште една жртва на нападот, бројот на повредени двојно поголем

Според последните податоци, почина уште едно лице повредено во нападот на концертната сала во предградието на Москва, кое беше во исклучително тешка состојба, со што вкупниот број на жртви на тој терористички чин се искачи на 140, изјави рускиот министер за здравство Михаил Мурашко. Тој додаде дека уште четири повредени лица сѐ уште се во критична состојба, дека 19, меѓу кои три деца, се во тешка состојба, а 34 се во стабилна состојба.
Бројот на повредени во нападот порасна на 360, соопшти медицинската служба. Според претходните податоци, бројот на повредени беше околу 180.
Вкупно 92 лица повредени во нападот се хоспитализирани, додека 63 се веќе пуштени од болница, а 205 се на амбулантско лекување, појаснува официјален претставник од здравството.

Подготвил: Далибор Станковиќ