Во Каса Лучио, ресторан во близина на кралскиот дворец во Мадрид во кој често навраќал поранешниот шпански крал Хуан Карлос Први, гостите деновиве шпекулираат за потенцијалното враќање на осрамотениот монарх, пренесува „Њујорк тајмс“.
Во 2014 година, по низа скандали, шпанскиот крал абдицираше од тронот по речиси 40 години владеење. Кога минатата година обвинителите почнаа да ги истражуваат неговите финансии, Карлос мистериозно исчезна, а неколку недели подоцна беше забележан во Обединетите Арапски Емирати, далеку од дофатот на шпанските обвинители.
Но, во изминатите месеци настана пресврт на среќата за поранешниот шпански крал. Голем број од случаите против него беа отфрлени или расчистени, што доведе до повици од Шпанците да му биде дозволено на Карлос да се врати дома без страв дека ќе го помине остатокот од неговиот живот во затвор.
Обвинителите во Швајцарија неодамна соопштија дека ќе се откажат од случајот за перење пари кој се водеше против Карлос, за мито за изградба на брза железничка линија во Саудиска Арабија и за една шпанска компанија. Друга истрага против него беше прекината годинава, откако тој плати повеќе од пет милиони евра за заостанати даноци во 2020 и 2021 година.
Хавиер Бласкез, чие семејство е сопственик на ресторанот, вели дека тие се подготвени да го пречекаат назад нивниот омилен гостин.
– Ќе бидам среќен доколку Карлос се врати. Неговото владеење ја донесе најдолгата ера на мир и просперитет за Шпанија – вели Бласкез.
Карлос е сакан од Шпанците на ист начин на кој многу Британци ја почитуваат кралицата Елизабета Втора. Тој беше заслужен за обновувата на шпанската демократија и обединување откако диктаторот Франциско Франко, кој почина во 1975 година, го назначи Карлос за свој наследник.
Луис Галан Солдевила, експерт за право на Универзитетот во Кордоба, рече дека предизвикот за обвинителите не е само составувањето на комплицирани случаи што ги преминуваат меѓународните граници, туку и фактот дека цел на истите е поранешен шеф на држава.
– Двете истраги опфаќаат настани што се случиле додека Карлос беше крал и тој не може да биде кривично гонет според шпанскиот Устав. И заостанатите даночни плаќања исто така го прават случајот спорен. Можете да зборувате за морал, но ова е опсегот на законот – изјави Солдевила зборувајќи за прашањето за имунитетот на поранешниот крал.
Актуелниот премиер на Шпанија, Педро Санчез, неодамна изјави дека кралското семејство не се консултирало со него за можното враќање на Карлос, и дека тој „сепак ќе мора да даде објаснување“ за неговите скандали, кои го нарушија имиџот на целото кралско семејство, особено на неговиот син, Фелипе Шести, кој сега е крал на Шпанија.
– Заштитата што ја ужива Карлос ја деградира демократската искреност на шпанските институции, а правосудниот систем изгледа неспособен да ги примени истите стандарди и правила за моќниците и за нормалните граѓани – смета Енрике Сантијаго, секретар на шпанската Комунистичка партија.
Следбениците на шпанскиот крал имаат поинакво видување на целата ситуација. Ињаки Габилондо, шпански новинар кој со децении работи како тв-водител на водечките вести во земјата, смета дека е срамота што поранешниот крал заминал и ја оставил Шпанија толку поделена околу неговото враќање, со оглед на улогата која Карлос ја одиграл во обединувањето на земјата по диктатурата.
– Фигурата на шпанскиот крал стана толку спротивна од она што некогаш беше. Со години тој беше фактор за нашата национална хармонија, а сега тој е извор на раздор. Неговото враќање ќе предизвика уште поголем проблем – вели Габилондо.