Апел за донации што беше покренат по руските ракетни напади низ Украина, собра 9,6 милиони долари за 24 часа, со цел за купување на камикаѕе-дронови за украинските сили, пренесува „Гардијан“.

Предвидено е со парите да бидат купени 50 дронови „Рам 2“ од украински произведувачи, кои носат експлозивен товар од три килограми, заедно со три контролни станици.

Муницијата треба да биде обезбедена во текот на наредните денови, како што истакна Сергиј Притула, што ја организираше кампањата.

– Тие сакаа да нѐ исплашат, но ние се обединивме уште повеќе. Запомнете, никогаш не ги лутете Украинците. Никогаш. Луѓето донираа за одмазда, па ќе се осигуриме дека одмаздата ќе се случи – кажа Притула.

Иницијативата за собирање донации беше прекината по 26 часа.

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, вчера на самитот на Г-7 ја обвини Русија за истрелани над 100 ракети и за употреба на дронови во дводневните напади врз украинските градови во кои загинаа 20 луѓе.