На комеморацијата за Денот на победата во Берлин, учесник носеше југословенско знаме и на тој начин ја збуни полицијата, која го помеша со руско, пишуваат германските медиуми.
– Забрането е истакнување на руското знаме за време на прославата – пишува „Берлинер цајтунг“.
Според написите, човекот со југословенско знаме ја поминал првата полициска проверка, но бил спречен од полицајците до споменикот на советските војници недалеку од Бранденбуршката порта.
– Од далечина знамето личеше на руско и можеше да ги испровоцира Украинците – изјавил полицаец, додавајќи дека се проверува дали станува збор за „намерна провокација“.
Минатата и оваа година, поради војната во Украина, полицијата забрани истакнување на руски и украински знамиња за време на собирите на Денот на победата во близина на трите големи споменици на паднатите советски војници во Берлин.
Во саботата Управниот суд ја укина забраната за истакнување на украинското знаме, додека истакнувањето на руското знаме се уште е забрането, според медиумот.