Неодамна Хамас го именуваше Јахја Синвар (творецот на крвавиот напад врз Израел на 7 октомври), за свој нов политички лидер (по убиството на Исмаил Ханије). Ханије, кој беше клучна меѓународна фигура за Хамас и кој многумина го сметаа за умерен, беше убиен минатата недела во Техеран во атентат за кој беше обвинет Израел. А новоименуваниот лидер Синвар се смета за еден од највлијателните водачи на милитантната група, кој поседува огромна моќ, додека главно останува скриен во тунелите под Газа.
Патот на Синвар до Хамас
Синвар е роден во Газа во 1962 година и му се приклучил на Хамас во 80-тите години на минатиот век. Неговото семејство го напуштило својот дом, заедно со неколку стотици илјади други палестински Арапи за време на војните околу создавањето на државата Израел.
Откако бил уапсен, тој поминал повеќе од две децении во израелски затвор, каде што научил хебрејски и се посветил на проучување на израелската култура и историја. За тоа време, тој превел на арапски десетици илјади страници шверцувани хебрејски автобиографии, напишани од поранешни водачи на израелската агенција за внатрешна безбедност Шин Бет, што му помогнало да ги проучи тактиките за борба против тероризмот на агенцијата.
Синвар еднаш му рекол на еден италијански новинар дека затворот е тенџере.
-Затворот те гради – рече тој, додавајќи дека тоа му дава време да размисли во што верува и која цена би бил подготвен да ја плати за тоа. Синвар беше ослободен од израелски затвор како дел од размена на затвореници во 2011 година.
Тврда опција не мора да значи крај на преговорите за прекин на огнот
Според информациите на „Ал монитор“, неговиот избор се смета за „изјава на пркос“ од страна на Хамас, што ја сигнализира решеноста да ја задржи контролата врз Појасот Газа и покрај израелските напори да ја искоренат милитантната група. Иако од почетокот на војната преговорите за прекин на огнот главно се водеа во Египет и Катар, Синвар остана важен актер во одлучувањето од неговото скривалиште во Газа.
Генерално се смета дека Синвар е помалку подготвен да им отстапи простор на израелските преговарачи, делумно затоа што знае дека веројатно ќе биде убиен, без разлика дали војната ќе заврши или не. Овие сомнежи беа потврдени со израелското убиство на неговиот многу поблаг претходник Исмаил Ханије.
– Именувањето на терористот Јахја Синвар за нов лидер на Хамас, кој ќе го замени Исмаил Ханије, е уште една убедлива причина тој брзо да се елиминира и да се избрише оваа гнасна организација од лицето на земјата – рече Израел Кац, министер за надворешни работи на Израел, во објавата на социјалните мрежи во вторникот.
Под водство на Синвар, Хамас би се радикализирал и би воспоставил поблиски врски со Иран
Иако Синвар е познат како тврдокорен, аналитичарите веруваат дека неговото доаѓање како лидер на Хамас нема нужно да значи крај на преговорите за прекин на огнот. Иако беше активен во воените операции, Синвар учествуваше и во преговорите и имаше значително влијание врз одлуките за време на размената на затвореници минатиот ноември.
Иако неговото назначување може да ги отежни преговорите, Хамас продолжува да покажува интерес за договор за прекин на огнот. Под водство на Синвар, Хамас би можел дополнително да ја зајакне оружената борба како главна стратегија и да воспостави поблиски врски со Иран.
Неговото назначување укажува на дополнително замаглување на линиите меѓу воените и политичките крила на Хамас, што може да доведе до интензивирање на конфликтите во регионот. Експертите веруваат дека ваквиот развој на настаните може да доведе до зајакнување на „тврдите линии“ на двете страни од конфликтот, со што постигнувањето долгорочен мир ќе биде уште поголем предизвик. Р.С.