Израелските воздухопловни сили синоќа објавија дека привремено ги повлекуваат од употреба на новите борбени авиони Ф-35, еден ден по извештаите за загриженоста на САД за дефекти во системите за исфрлање на пилотите, јавува Анадолија.
Потегот на израелската војска дојде откако генерал-мајор Томер Бар, началник на израелските воздухопловни сили, одржа состанок за да ја процени ситуацијата по информациите добиени од САД за проверката на дефект во механизмот за исфрлање на пилотското седиште.
„Авионите Ф-35 ќе бидат подложени на дополнителни инспекции кои ќе траат неколку дена, а сите оперативни задачи ќе бидат извршени по одобрение од началникот на воздухопловните сили“, објави израелското воено воздухопловство на Твитер.
Армијата додава дека инспекцискиот процес ќе го вршат технички екипи и се очекува да биде завршен во наредните денови.