Борис Џонсон/Фото: Фејсбук

Исламскиот совет на Велика Британија го осуди нападот врз писателот Салман Ружди, кој денеска беше избоден со нож во вратот во американската сојузна држава Њујорк

– Таквото насилство е погрешно. Напаѓачот мора да биде изведен пред лицето на правдата – објавија од Советот преку Твитер.

Исламистичките организации и Иран со години му се закануваат со смрт на Ружди заради неговиот објавен роман „Сатански стихови“ што го сметаат за еретички.

За бруталниот напад се огласи и британскиот премиер Борис Џинсон.

– Згрозен сум од фактот што Сер Салман Ружди е прободен додека го користел правото што никогаш не смее да престанеме да го браниме. Моите мисли се со неговите најмили. Сите се надеваме дека ќе биде добро – напиша Џонсон на Твитер.

Писателот Ружди моментално е во операциска сала, објавуваат агенциите повикувајќи се на изјава на неговиот агент.

Сѐ уште не се знае во каква состојба е, но е познато дека здобил повеќе убодни рани од кои една во десниот дел на вратот.