Илустрација / Фото: Пиксабеј

Официјалниот претставник на Хамас, Али Барака, во изјава за британските медиуми вчера истакна дека движењето го отфрла израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на разговорите во Каиро.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вчера, исто така, соопшти дека е утврден датумот за почеток на офанзивата на израелските сили (ИДФ) врз Рафа, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што се побегнати мнозинството палестински бегалци од другите делови на енклавата.

Израел и Хамас во неделата ги испратија своите преговарачки тимови во Каиро, а во разговорите учествуваат катарските и египетските посредници, како и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

Присуството на Барнс е показател за зголемениот притисок од САД, најголемиот сојузник на Израел, да се постигне договор со кој ќе се ослободат израелските заложници држени во Газа и ќе се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците по шестмесечниот конфликт.

Барака за британските медиуми кажа политбирото на Хамас се состанало и одлучило да го отфрли израелскиот предлог. Друг претставник на милитантната група, пак, кажа дека не е постигнат напредок во преговорите.

– Нема промена во ставот во врска со окупацијата и затоа нема ништо ново во разговорите во Каиро – изјави вчера претставникот на Хамас, кој сакаше да остане анонимен.

Хамас бара каков и да било план во себе да вклучува прекин на израелската воена офанзива, повлекување на израелската армија од Газа и дозволување на бегалците да се вратат во своите домови низ целата енклава.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Бил Барнс на состанокот одржан во Каиро претставил нов предлог на преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јави „Си-ен-ен“ повикувајќи се на неименуван извор.

Американскиот предлог вклучува ослободување на повеќе Палестинци од израелските затвори во замена за 40 заложници кои ги држи Хамас во Газа.

Изворот навел дека САД би сакале и на Палестинците од северот на Газа, кои побегнале на југ поради војната, да им биде дозволено да се вратат во своите домови.

На состанокот, кој се одржа викендов, присуствуваа катарски, египетски и израелски официјални претставници и сите, наводно, потврдиле дека ќе го проучат новиот предлог на Вашингтон.

Војната меѓу Израел и Хамас избувна на 7 октомври, откако палестинската милитантна група изврши терористички напади во јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници. Во израелската офанзива на Појасот Газа досега се убиени повеќе од 33.100 Палестинци, соопшти Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас.


СБ на ОН одлучи да одговори на барањето на палестинските власти за полноправно членство

Советот за безбедност на ОН одлучи до крајот на овој месец да одговори на барањето на палестинските власти да добијат статус на полноправна членка на светската организација. За ова прашање било разговарано на вчерашната средба.

Во септември 2011 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас покрена иницијатива за „приклучување на државата Палестина во Обединетите нации“, која никогаш не се оствари. На крајот, палестинската управа доби статус на набљудувач во светската организација во ноември следната година.

Меѓутоа, минатата недела поднесе ново барање за полноправно членство, кое се аргументира со израелската офанзива во Појасот Газа.

– Ова е историски момент – изјави палестинскиот постојан претставник во Обединетите нации Ријад Мансур.

Набљудувачите сметаат дека САД повторно ќе наметнат вето, како што тоа го направи во 2011 година. Ставот на САД е дека идната палестинска држава треба да се формира во договор со Израел.