Четири лица се повредени во пожар што избувна во рафинеријата „Ексон мобил“ во Тексас на југот на САД, а локалната полиција соопшти дека се случила голема индустриска несреќа.
„Полицијата е на местото на несреќата“, објавија властите од округот Харис во раните утрински часови по локално време, прецизирајќи дека избувнал пожар во фабриката „Ексон мобил“ во Бејтаун, град во близина на Хјустон.
Тројца повредени се евакуирани со хеликоптер, а четвртиот со амбулантно возило е пренесен во болница, соопшти полицијата, додавајќи дека нема податоци за загинати.
Рафинеријата во Бејтаун започнала со работа во 1920 година, а хемиската фабрика во 1940 година, посочуваат од „Ексон мобил“. Станува збор за четири производствени погони во кои работат околу 7.000 работници.