фото: Влада на Република Северна Македонија

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, денес остварија редовна квартална работна средба, со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, која е дел од Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора.

Вицепремиерот Битиќи ги информирал присутните за неколку позначајни активности, кои беа донесени неодамна.

– Во декември, за првпат по 10 години, а по повеќе од 8-месечна дискусија, Владата усвои измени на Законот за царинска тарифа, со кои ќе се овозможи усогласување на царинскиот тарифник со европските норми за 258 царински шифри, со што се овозможува поголема конкурентност на компаниите кои работат во земјата и предвидливост за реализација на процесите – посочил Битиќи.

Додал и дека на последната владина седница се усвоени измените во Законот за вршење на сметководствени работи, на кој се работи речиси 5 години, а со кои ќе се изврши усогласување на нашиот закон со меѓународните стандарди, со што дополнително ќе се олеснат сметководствените процедури и ќе се олеснат активностите на компаниите.

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, посочил дека најголем број од компаниите кои имаат технолошки напредно производство работат токму во зоните, а во насока на обезбедување на подобри услови за нивно функционирање, најавил дека во наредниот период за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе ТИР зони во земјата се планирани околу 15 милиони евра, а со овие проекти ќе им се излезе во пресрет на барањата на компаниите.