Поскапата струја ја поттикна инфлаторната спирала

Годишната стапка на потрошувачка инфлација во Шведска се зголеми на 10,9 отсто во октомври, што е највисоко ниво во последните 31 година, покажаа податоците објавени од Државниот завод за статистика во вторникот. Октомвриската бројка, највисока од февруари 1991 година, се зголеми дополнително од регистрираните 10,8 отсто во септември, покажа шведската статистика.
Зголемувањето на стапката на инфлација е резултат на повисоките цени на храната и безалкохолните пијалаци и превозот, покажуваат податоците на надлежните. Цените на храната и на безалкохолните пијалаци во октомври пораснале за 17,2 отсто на годишна основа, наспроти растот од 16,1 отсто во септември. Цените на транспортот се зголемија за 11,5 отсто во октомври, што е забрзано од 9,7 отсто во претходниот месец.
На месечно ниво, индексот на потрошувачките цени во октомври порасна за 0,2 отсто, што е најбавно темпо во последните три месеци.
– Наглото зголемување на цените на струјата придонесе за високата стапка на инфлација во август – вели Микаел Нордин, ценовен статистичар во „Статистика Шведска“, објаснувајќи ја кривата на растот на графиконите што ја презентираат состојбата со инфлацијата.
Практично, инфлацијата забрзала повеќе од очекуваното во август. Од 8,0 во јули, стапката на инфлација скокна на 9,0 отсто на годишна основа, се вели во официјалните документи. Притоа, од Државниот завод за статистика се додава дека зголемувањето на каматните трошоци и зголемените цени на електричната енергија придонеле за зголемувањето на инфлацијата.
Во септември банкротираа 635 компании во Шведска. Ова е најголемиот број од мај 2020 година, односно од почетокот на пандемијата на коронавирусот и е зголемен за 38 отсто во однос на септември 2021 година. Медиумите во Шведска додаваат дека бизнисот во земјата е погоден од растот на цените и политиката на централната банка за зголемување на каматните стапки во обид да се запре инфлацијата.
Според анализите на шведската кредитна агенција УЦ, бројот на компании во стечај се зголемува во 9 од 10 во набљудуваните економски сектори. Тоа ги зголемува стравувањата од рецесија во повеќето земји на скандинавскиот полуостров. Според Јохана Бломе, економист во УЦ, земјата се соочува со целата сила на ефектите од „совршената бура“, која ги комбинира ефектите од војната во Украина, инфлацијата, високите каматни стапки и цените на енергијата.
Сепак, аналитичарите го забележуваат и фактот дека цените на електричната енергија се повисоки во јужните делови на земјата, но несолвентноста на бизнисите се зголемува, наместо тоа да се одразува во северните региони.

Ацо Каланоски Специјално за „Нова Македонија“ од Гетеборг, Шведска