Од пролетниот извештај на Европската комисија

Европската комисија (EK) во својот најнов пролетен извештај презентира информации во врска со рускиот БДП за 2023 и 2024 година, при што ги објави бројките, проекциите и трендовите на рускиот БДП за 2023 и за 2024 година.
Имено, во проекцијата на Европската комисија (EK) за бруто-домашниот производ (БДП) на Русија се вели дека истиот тој ќе се намали на крајот на оваа година за 0,9 отсто наместо 3,2 отсто како што претходно прогнозираше.

Неколку економски показатели во извештајот на Европската комисија

Европската комисија во својот најнов извештај ја измени прогнозата за раст на БДП за 2024 година за Русија. Според претходните извештаи, индикаторот требаше да порасне за 0,9 отсто во текот на следната година, додека најновите податоци покажуваат подобри резултати – раст од 1,3 отсто.
Во врска со состојбата со невработеноста во Русија, исто така, во извештајот на ЕК се оценува дека „ќе биде на подобро ниво во текот на оваа и следната година, отколку што беше претходно предвидено во есенскиот извештај“. Имено, есенските прогнози на ЕК за наведените периоди очекуваа ниво на невработеност од 4,5 и 4,6 отсто. За разлика од предвиденото, извештајот на ЕК содржи показатели дека невработеноста во Русија годинава ќе достигне до 3,7 отсто, а следната година четири отсто.
ЕК понатаму наведува дека инфлацијата на крајот на 2023 година треба да достигне ниво од 6,4 отсто, а следната година 4,6 отсто.
За споредба, Централната банка на Русија предвидува дека инфлацијата на крајот на 2023 година ќе биде во опсег од пет до седум проценти. На крајот на 2024 година се очекува индикаторот да се врати на целните четири проценти.
Во април инфлацијата на годишна основа изнесуваше 2,31 отсто.

Став на министерот за економски развој на Руската Федерација

Министерот за економски развој на Руската Федерација, Максим Решетников, на почетокот на мај изјави дека може да се очекува дека вкупната вредност на финалните производи произведени и дадени услуги во Русија ќе забележи многу добри резултати на крајот на оваа година, а дека земјата би можела да биде еден од светските лидери кога станува збор за растот на БДП на развиените земји на годишна основа.
– Меѓународниот монетарен фонд предвидува раст на БДП од 1,3 до 1,6 отсто за развиените земји, но знаеме дека оваа организација често во своите проекции покажува податоци што, на крајот, реално, се пониски од очекуваното, додека ние, Русија, обично ги надминуваме нашите прогнози. Нашите показатели на крајот на набљудуваниот период обично ги надминуваат нашите прогнози – објасни Решетников, додавајќи дека официјалните податоци од Москва укажуваат дека БДП ќе порасне за 1,2 отсто на крајот на 2023 година.
Намалувањето на економскиот развој на земјите од ЕУ, како што наведе тој, е неизбежно поради наглото прекинување на користењето на руските енергетски извори. Р.Н.М.