Фото: Официјална страница на турскиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одби дополнителни средби со американскиот амбасадор во Анкара. Причина за тоа е средбата на американскиот амбасадор со еден од кандидатите на опозицијата на изборите на 14 мај, Кемал Киличдароглу.

Турскиот претседателски кандидат Кемал Киличдароглу на иницијатива на американската страна се сретна со шефот на американската дипломатска мисија Џефри Флејк, изјави претходно за „РИА Новости“ неговиот советник.

„Амбасадорот на Џозеф Бајден се среќава со Кемал?! Срам да ви е, мисли со својата глава. Ти си амбасадор. Вашиот соговорник во оваа земја е претседателот. Како ќе имаш после лице да дојдеш и да побараш средба со претседателот? Мојата врата за него е затворена, тој веќе не може да влезе“, рекол Ердоган, пренесува весникот „Стар“.

Ердоган смета дека американскиот дипломат мора да знае каде припаѓа.

„Нека научи како треба да работи еден амбасадор. Ако не го знае тоа, не може да ми дојде на врата“, нагласил Ердоган, а пренесува „Раша тудеј Балкан“.

Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 14 мај. Главен противник на актуелниот претседател Ердоган – единствениот кандидат на „Републиканската алијанса“ е кандидатот на опозициската „Народна алијанса“ Кемал Киличдароглу.

Резултатите од анкетите сè уште не го покажале фаворитот на претстојните избори, но експертите забележуваат дека тоа ќе биде најтешката изборна трка за владејачката партија поради разорните земјотреси кои однесоа животи на повеќе од 50 илјади луѓе, како и поради тешката економска состојба во земјата.