School shooting in Finland
Фото: ЕПА

Во инцидентот кој утринава се случи во основно училиште во финскиот град Вантаа, северно од главниот град Хелсинки, полицијата на прес конференција извести дека едно дете за жал починало, пренесе „Ројтерс“.

– Денеска нешто по 9 часот во училиштето во Виертола дошло до пукање во кое е убиено 12-годишно дете. Уште две деца се тешко повредени. Изразувам сочувство до роднините, соучениците и вработените – изјави началникот на полицијата, Илка Коскимаки.

Ранетите деца се на иста возраст како и напаѓачот.

Полицијата го уапсила 12 годишниот напаѓач во предградието Силтамаки, недалеку од училиштето.

– Други осомничени засега нема, соопштила полицијата, притоа недавајќи детали за идентитетот на осомничениот или жртвите, освен дека сите се 12-годишни Финци и ученици во истото училиштето – пренесе „Ројтерс“.

– Осомничениот го призна нападот во прелиминарниот разговор – соопшти полицијата.

Осомничениот ќе биде ставен под заштита на социјалните служби, бидејќи е премногу млад за да му биде одреден притвор.

Според полицијата, децата биле застрелани со пиштол на близок роднина на осомничениот.

Престрелката се случила во училиштето Виертола во Вантаа, предградие на главниот град Хелсинки, во кое настава посетувале околу 800 ученици од прво до деветто одделение.

Полицијата во моментов врши увид во училиштето, а од граѓаните било побарано да се држат настрана од областа.